Дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев, заедно со претседателот на Македонскиот полициски синдикат, Марјан Кицев, денеска беше во работна посета на мавровско-дебарскиот крај, каде оствари средби со раководствата на Одделението за внатрешни работи Дебар, Полициското одделение Ростуше и Полициска станица за граничен премин Блато, во рамки на серијата посети низ Секторите за внатрешни работи низ државата, со цел увид во резултати и планирање на идните активности.
На средбата со началникот на Одделението Аргетин Војника и командирот на полициската станица Дритан Бакали, со соработниците, бил запознат со постигнатите резултати и секојдневните работни активности, но и со евентуалните проблеми во рамки на работниот процес.
– Во првото тримесечје од 2024 година безбедносната состојба на подрачјето може да се оцени како поволна. Како МВР можеме да гарантираме безбеден изборен процес како што беа претходните, бидејќи во делот на своите надлежности ги исполнува сите услови за фер, слободни и демократски избори. На ова подрачје имаме одлични меѓуетнички односи, и не се регистрирани случаеви на организирано или поединечно дејствување во правец на разгорување на меѓуетничка и верска омраза и нетрпеливост кои би можеле да ескалираат во меѓуетнички судири. Но, и покрај тоа состојбата ја следиме со присуство на наши служби на подрачјето, изјави Бојмацалиев.
Притоа, тој ги сподели резултати за првото тримесечје од 2024 година.
– Бев информиран за резултатите во областа на криминалитетот каде во 2023 година се поднесени 55 кривични пријави за дивоградби, а во текот на првото тримесечје од 2024 година регистрирани се 40 кривични дела за кои се поднесени 29 кривични пријави против 36 лица. Имено, во текот на првото тримесечје во ОВР – Дебар најзастапени кривични дела се од областа на класичниот криминалитет при што вкупно беа регистрирани 27 кривични дела. Од регистрираните 27 кривични дела 16 дела се со познат сторител, 11 кривична дела се со непознат сторител, при што во текот на годината расветлени се вкупно четири кривични дела што претставува 36% ефикасност во откривачката функција на годишно ниво, истакна Бојмацалиев.
Во однос на Полициското одделение Ростуше, Бојмацалиев истакна дека истото во 2021 година беше реконструирано во насока на создавање подобри услови за работа на полициските службеници, со вложени пет милиони денари од Буџетот на МВР, а од 2019 навака отворени се и простории за управни служби со што на жителите од ова подрачје им е олеснета процедурата за промена на лични документи.
– Колку што ќе вложиме во безбедноста, толку таа ќе биде поголема. Вкупно инвестиравме 17 милиони евра во објектите на МВР низ државата, некои и над 20-30 години стари и руинирани. Денес, по направени анализи и стратегија стигнавме до 82 реновирани модерни објекти, со европски услови за работа на полициските службеници. Во тек се МТВ – Управни служби, Центар за обука Идризово и Нова градба ПС Аеродром, истакна Бојмацалиев.
На новинарско прашање во однос на истрагата околу убиството на докторот Ацо Трпковски информира дека е приведено трето лице, дека ќе се врши полиграфско испитување и ќе се направи совпаѓање на доказите што се најдени кај веќе приведените две лица и доколу има совпаѓање ќе има и кривична пријава.