„Колкава е моќта на Струмички карневал?! Струмица нема слободна соба во хотелите и приватните сместувања! Радовиш нема слободна соба! Дојран речиси исполнет заради струмичкиот карневал! Струмица ја јакне економијата во регионот, продолжуваме уште посилно“. Со оваа порака градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов го завршува денешниот работен ден пред утрешните возбудувања со почетокот на новото издание на Струмичкиот карневал.
Утре официјално ќе биде предаден клучот од градот на карневалџиите.
„Со предавањето на клучот, градот го предаваме на карневалистите. Се надевам дека добро ќе менаџираат со градот и ќе имаме што повеќе насмеани лица, повеќе песни, да имаме многу забава и се надевам дека ќе имаме многу гости “, вели Костадинов.
Познатиот македонски шоумен Игор Џамбазов, кој ќе биде водител на Главната карневалска вечер и Маскенбалот, на кој се избираат принц и принцеза на Карневалот. Многу настани се предвидени во програмата пред одржувањето на главната карневалска вечер со интернационалното дефиле ќе се одржи на 16 март, в сабота.
-Во интернационалното карневалско дефиле ќе учествуваат 49 карневалски групи, од кои 20 се гости од Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија, Грција и Бугарија, а ќе учествуваат и групи од македонските градови Куманово, Пробиштип и Кавадарци. Имајќи во предвид дека во рамките на карневалските свечености ќе биде одбележан и јубилејот-30 години од приемот на Струмица во Федерацијата на европските карневалски градови-FECC, годинава на Струмичкиот карневал ќе има голем број гости од FECC од повеќе европски земји, рече претседателот на Организациониот одбор на Струмичкиот карневал, Александар Цицимов.
Тој додаде дека имало голем интерес за Струмичкиот карневал, при што десетина карневалски групи биле одбиени.
Новиот водител на Карневалот, Игор Џамбазов ја презеде должноста од долгогодишниот колега, Ѓорги Калајџиев.
Ова е најголемиот настан месецов не само во Струмица туку и во Македонија, легендарниот Струмички карневал, кого го споменуваат патеписци низ вековите, а најстар запис за него има легендарниот Евлија Челебија, кој патувајќи по Балканот, влегол во еден преубав град со големи кули и видел некои луѓе кои смешно се облекувале, пееле безбразни песни, се веселеле, пиеле, играле… Што значи од 17-иот век до тука, до овој проклет век во кој се’ се менува со брзина на светлоста, Струмичкиот карневал своето – дека е единствен на овие простори и мене ми е драго што прв пат во животот прв пат станувам дел од овој Карневал, рече Џамбазов.
Настаните од карневалот завршуваат во среда, 20 март, кога клучот од градот повторно му се враќа на градоначалникот Костадинов.