Српското Министерство за внатрешни работи потврди дека кај ученик од основното училиште „Владислав Рибникар“, во Белград каде што се случи масакрот на 3 мај лани, бил пронајден нож.
„Откако денеска околу 10:35 часот училишниот полицаец од ОУ „Владислав Рибникар“ во Белград бил известен дека осмоодделенец има нож во ранецот, истиот ученик веднаш бил пронајден и приведен кај директорот во тоа училиште“, се вели во соопштението на српското МВР.
„Ученикот рече дека ножот што му бил пронајден во ранецот не е негов. Никој не е повреден, ниту ученикот никому се заканувал. Сите ученици од ОУ Владислав Рибникар се безбедни“, се додава во соопштението на МВР и се наведува дека во тек е натамошната оперативна работа на полицијата.
Сите деца по овој инцидент биле ослободени, а родителите веднаш биле известени.
На 3 мај 2023 година во тоа училиште малолетникот К.К. уби девет ученици и лице од обезбедувањето. Тој е однесен во специјална установа, додека на неговите родители им се суди во две одвоени постапки.