„Ти се обраќам, Владимир Путин. Решението на проблемот зависи само од вас. Дозволете ми конечно да го видам син ми. Барам телото на Алексеј веднаш да биде предадено за да можам хумано да го погребам“.
Со овие зборови во видео порака, мајката на покојниот опозиционер, Алексеј Навални, Људмила Навална, се обраќа до рускиот претседател Владимир Путин со барање конечно да го види телото на нејзиниот син. Веќе четири дена по објавата на смртта на Алексеј Навални, телото не е предадено на семејството, ниту има информации кога. Власта соопшти дека телото ќе биде предадено по завршување на обдукцијата.
Јулија Навална, сопруга на покојниот опозиционер ги повика новинарите да прашаат каде е телото на Алексеј.
„Вратете го телото на Алексеј и оставете го да биде погребан достоинствено, не ги спречувајте луѓето да се збогуваат со него. И навистина ги прашувам сите новинари кои можеби сè уште поставуваат прашања: не прашувајте за мене, прашајте за Алексеј“, напиша Јулија Навална.
Директорот на Фондот против корупција во Рисија, Иван Жданов објави дека е поднесена тужба за непостапувањето на Истражниот комитет да го предаде телото на Алексеј Навални.
Федералната казнена служба за округот Јамало-Ненец ја објави смртта на Алексеј Навални во колонија на 16 февруари. На 17 февруари, мајката на Навални пристигнала во ИК-3 во Харп, ѝ било дадено известување за неговата смрт и ѝ било кажано дека телото на Навални е во мртовечницата Салехард. Кога мајката на политичарот пристигнала таму, и’ било кажано дека телото не е кај нив. Подоцна, прес-секретарот на Навални, Кира Јармиш, рече дека Истражниот комитет одбил да им го даде телото на роднините додека не заврши проверката.
Над 60.000 луѓе потпишаа петиција со која се бара државата да го предаде телото на Навални на семејството. Јулија Навална го обвини Владимир Путин за убиство на неговиот главен политички противник и вети дека ќе ја продолжи работата на нејзиниот сопруг. Навална се сретна во Брисел со лидерите на Европската унија. На состанокот на Советот за надворешни работи на ЕУ, таа ги повика европските власти да не ги признаваат резултатите од претстојните претседателски избори во Русија, а исто така да ги зајакнат санкциите против елитите на Путин.
Алексеј Навални на 16 февруари беше пронајден мртов во казнената колонија на затворот во Русија, каде издржуваше 19-годишна казна затвор.