Зголемувањето на партиципацијата за студирање беше тема на дискусија на ректорската управа при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје, но ние се залагаме за бесплатно високо образование. Ова во изјава за ММС го потенцира претседателот на Универзитетското студентско собрание, Александар Николовски како објаснување за објавите во некои медиуми за покачување на трошоците за студирање.
Информациите за наводно зголемување на партиципацијата на УКИМ предизвикаа низа реакции кај младите.
Од ректорската управа иако ја отворија оваа дискусија, сметаат дека за заклучоци е сѐ уште рано. Сепак, дури и трошоците да пораснат, Универзитетот ќе бара разликата во сумата да ја покрие Владата.
„Да, ректорската управа дискутираше во однос на партиципацијата. Досега е побарано мислење за ова од единиците на Универзитетот, односно од страна на факултетите. Дали решението ќе биде финансискиот товар од покачувањето да биде на Владата, тоа ќе треба самата таа да одлучи“, вели Николовски.
Со соодветни финансиски политики до бесплатно високо образование
Но како што додава тој, ставот на универзитетското студентско собрание е дека државата треба да води такви финансиски политики кои ќе овозможат високото образование да биде бесплатно.
„Јас сум член на ректорската управа. Секој претседател на универзитетско студентско собрание на секој државен и приватен универзитет е дел од ректорската управа на универзитетот. Значи таму се дискутираше прашањето за партиципацијата односно за трошоците коишто ги има Универзитетот бидејќи низ годините има пораснати трошоци за одржување и слично. Беа дискутирани можностите за начините на кои би можел да се финансира самиот универзитет, но нашето излагање како ректорска управа беше дека тоа не смее да биде на товар на студентите бидејќи е спротивно од политиката на задржување на младите во државата. А тоа е првичната цел“, додава Николовски.
Засега партиципацијата за студирање изнесува 200 евра во државна квота, а 400 во приватна. Ректорската управа дискутирала за тоа трошоците да се зголемат на 400 односно на 800 евра, но тоа да не биде на грбот на студентите.
Ова го потврди и ректорката на УКИМ, проф. д-р Билјана Ангелова, која во изјава за новинската агенција Мета истакнува дека евентуалното поскапување би паднало на товар на државата.
Како што пренесе Мета повикувајќи се на изјавата на Ангелова, одржливоста на многу студиски програми на УКИМ е доведена во прашање, што било и причина да се размисли за зголемување на трошоците за студирање.
„Меѓутоа, и покрај тоа што се разговараше за зголемување на трошоците, беше кажано дека единствен услов трошоците да поскапат е само доколку разликата во покачувањето ја подмират МОН и Владата. Ние сме државен универзитет, никако не смее зголемувањето да падне на товар на студентскиот стандард“, додава Ангелова во изјава за Мета.мк.
Според неа, доколку Владата не се согласи да ја покрие разликата во евентуалното поскапување, трошоците ќе останат исти како и сега, односно нема воопшто да поскапат.
„Така е секаде во регионот. И јас сум на ставот дека дури и овие трошоци сега што се, треба да ги покрие Владата. Студирањето за студентите треба да биде бесплатно“, смета Ангелова.
Таа посочува дека сè уште нема официјален заклучок по ова прашање на ниво на универзитет, но нагласува дека воопшто не станало збор за покачување на партиципацијата што ја плаќаат студентите.
Партиципациите остануваат идентични како и досега – уверуваат од МОН
Во меѓувреме со писмено соопштение се огласија и од Министерството за образование и наука, смирувајќи ги студентите дека треба да бидат спокојни.
-Во комуникација со Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, добивме информација дека ректоратот побарал мислење од факултетите и единиците во состав, за тоа дали износите кои во моментов се плаќаат се оправдани или можеби треба да претрпат одредени корекции. Но, тоа е интерно инициран процес – наведуваат од МОН.
Од ресорното министерство велат дека го почитуваат принципот на инклузивност при креирањето на политиките и носењето на одлуките и уверуваат дека ниту една одлука која го засега образовниот процес на студентите нема да биде донесена без да бидат вклучени организациите кои ги застапуваат идните академски граѓани.
Износите на партиципација остануваат идентични како и досега – се наведува во соопшението на МОН.
Сепак, дебатата за евентуално покачување на трошоците за студирање, водена во рамките на ректорската управа, уште еднаш во јавниот дискурс го наметна прашањето за студентскиот стандард во земјава. Претседателот на УСС УКИМ, Александар Николовски смета дека долгорочното решение за подобро образование лежи во финансиски модел за одржливост на самите универзитети, каде ќе се земе предвид бројот на студенти, но и квалитетот на наставата.
Кога станува збор за условите за студирање на УКИМ, Николовски потенцира дека од овој универзитет излегле многу квалитетни кадри кои станале врвни научници. Меѓутоа како што додава, развојот на оваа високообразовна установа треба да биде во чекор со времето.
„Сметаме дека секогаш постои потенцијал за уште поголем развој во однос на универзитетите во другите земји. Во самата програма на универзитетското студентско собрание на ниво на факултетски единици стојат одредени подобрувања на лабараториите на биотехничкиот кампус и на техничкиот кампус при универзитетот. Таму си течат активностите за унапредување на условите“, вели Николовски за ММС.
Во однос на условите за сместување пак, потсетува дека на крајот од 2023 година беше потпишан договор за реконструкција на девет студентски домови со финансиски средства од Германската банка за обнова и развој.
-Тие процеси сега течат за студентските домови „Кузман Јосифовски – Питу“ и „Стив Наумов“, а вкупно девет во државата ќе бидат реконструирани. Сметаме дека е потребно да биде зголемен капацитетот на студентските домови согласно бројот на студенти кои студираат во Скопје – додава Николовски.
Тој вели и дека не треба да се заборават и поволностите кои ги имаат студентите.
„Студентите имаат бесплатен превоз во Град Скопје, а обезбеден е и оброк за пониска сума. Сметам дека ова во јавноста треба да биде обзнаено“, истакнува студентот.
Тој уверува дека како тело ќе се борат да нема покачување на партиципацијата за студирање, особено не на грбот на студентите. Вели секоја Влада ветува стратегија за задржување на младите, а подобрувањето на образовните политики би одело во прилог на тоа.
Додека ректорката на УКИМ, Ангелова смета дека македонските студенти треба да студираат бесплатно бидејќи така е и секаде во регионот, Николовски вели дека токму поради ова, Словенија е особено атрактивна.
„Покрај бесплатното студирање, Словенија ја прави атрактивна тоа што е блиску до нашата земја, при тоа е членка на Европската унија и има повисок стандард, а и самите сулови се подобри. Баш викендов бев во Љубљана во посета на тамошниот Универзитет, можам да кажам дека сите програми се бесплатни. Бесплатно е студирањето и на Медицинскиот факултет, но таму е многу мал бројот на студенти коишто се примаат. Така што, генерално со договорот којшто го има потпишано Словенија со земјите од Балканот студентите може бесплатно да студираат. Тие плаќаат некои трошоци, но партиципација не“, додава Николовски.
Поради поволностите за студирање, од година во година расте бројот на млади кои одлучуваат високото образование да го стекнат во Словенија.
Како што објави платформата „Само прашај“, според податоците добиени со посредство на Словенечката амбасада во Скопје ако во учебната 2017/2018 година таму заминале 783 македонски државјани, во 2022/2023 на државните факултети во Словенија се запишале 1307 македонски државјани.
Македонските студенти најмногу се запишуваат на Универзитетот во Љубљана, потоа на универзитетот во Марибор, на Универзитетот Приморска и на Универзитетот на Нова Горица. Во однос на областите, најчесто ги избираат економските факултети во Љубљана и Марибор, Природно-математичкиот факултет и информатички технологии во Приморска и факултетите за економско инженерство и за бизнис и технологија во Нова Горица.
Вања Мицевска