Српскиот пејач, актер и член на жирито на „Ѕвездите на Гранд“, Ѓорѓе Давид вчера доцна попладне си заминал од Македонија, но со обврска да се јавува во судот во Куманово еднаш месечно. Ова за ММС го потврди неговиот адвокат Виктор Цветковски, кој рече дека Давид поднел барање за укинување на мерките на претпазливост, што значи да му се врати пасошот, личната карта и возачката, а барањето делумно било прифатено.
-Тоа значи дека судот прифати да му се вратат докуметите и место да се јавува два пати неделно во полиција, ќе се јавува еднаш месечно и евентулно по потреба на органите на прогонот, односно ЈО и судот. Давид секој месец на 15ти ќе се јавува или евентуално по потреба ќе доаѓа во Македонија. Одлуката беше донесена во петок, чекавме да поминат роковите за жалба, да биде правосилно. Вчера стана правосилно и во попладневните часови тој замина, вели Цветковски.
Српските медиуми веќе пишуваа дека Давид сакал да се сретне со семејството на починатата, но Цветковски вели дека до таква средба се уште не дошло.
-Остварени се контакти со семејството, но во овој момеент не е остварена средба. Давид во неделата замоли да се пишува само вистината. Јас имам направено 10тина скриншота викендот дека ја напуштил државата, што секако не беше точно и сите ќе добијат тужба. А ЈО во петокот имаше и демант дека не е точно, дека Давид се уште е под мерки и се уште е во Македонија, бидејќи мерките се уште не беа на сила. А ако воопшто се направи средбата со семејството, ќе се оствари понатаму, додаде тој.
Цветковски за ММС вели дека Давид многу тешко ја поднел оваа состојба, дека ослабел и дека е во тешка психолошка состојба.
– Има ослабено 5-6 килограми, навистина му е многу тешко. Тој не би добил одобрение да си замине ако сите превземени дејствија не укажуваат дека превзел се што е до него за да се избегне оваа ситуација. Да, ќе се чекаат сите детали, но првичната слика покажува дека никој нема да му дозволи да си замине од државата ако се гледа дека има сомнение за негова вина. Ќе оставиме да се утврди, и вештачењето и сите докази комплетно да се обезбедат. Факт е дека направил се што може за да го избегне судирот, но не можел. Но, тоа нека го докажува и самата постапка. Вештачењето се уште не е завршено, вели тој.
Адвокатот ги демантира коментарите на социјалните мрежи и потврди дека Давид поминува низ тешка фаза, дека итој, како и сите не сакал да се случи ова.
-Давид возел со дозволена брзина, не бил под дејство на алкохол и супстанци. Чист е како солза, бидејќи тие анализи веќе ги има. Давид навистина води здрав живот, пие чај, јаде патлиџан и сирење, не јаде месо, води сметка за гласот, на здравјето. И пак ќе кажам, верувајте никој не би му дозволил да си замине доколку има и мала индиција дека има и најмалку одговорност, додава адвокатот за ММС.
За потсетување, Ѓорѓе Давид учествуваше во сообраќајната несреќа, која се случи пред ГП Табановце, а во кој загина жена.
МВР тогаш објави:
-Четириесет и деветгодишна жена од Куманово е жртвата во вчерашната сообраќајна несреќа што се случи на автопатот Куманово-Табановце на два километри пред граничниот премин Табановце. Во сообраќајката учествувале патничко возило „фолксваген поло“ со кумановски регистарски ознаки, управувано од Б.Т.(24) од Куманово, патничко возило „фолксваген голф“ со скопски регистарски ознаки, управувано од В.П.(45) од Куманово и патничко возило „опел инсигниа“ со српски национални ознаки, управувано од Ѓ.Н.(59) од Република Србија. Во несреќата, од здобиените повреди починала Љ.Т.(49) од Куманово, сопатничка во возилото „поло“, а смрт констатирал лекар од Итна медицинска помош Куманово, информираше полицијата.
Весна Миленковска