Од 15ти јануари па се до 01 март годинава отворена е можноста за пријавување на сите заинтересирани за учество на најновото издание на фестивалот на песни за деца “Весело Штурче”, истакна на денешната средба со новинарите директорот на фестивалот Филип Стевановски.
Како што рече објавени се два конкурси, еден за деца учесници на фестивалот и втор за сите автори на музика, текст и аранжман кои со свои композиции сакаат да ја збогатат содржината на фестивалот.
- Првиот конкурс е за деца учесници од 6 до 12 годишна возраст. Ќе бираме деца солисти и деца кои ќе бидат дел од хорот, па сите кои се заинтересирани можат да се пријават за аудиција со тоа што не значи дека секој пријавен на аудицијата ќе биде избран за учество. Откако ќе помине аудицијата ги бираме најдобрите дечиња кои ќе бидат дел од фестивалот, нагласи Стевановски.
Истакна дека пријавувањето и за двата конкурси се врши на веб страната на фестивалот, каде после 01 март кога завршува пријавувањето ќе бидат објавени и датумите за аудицијата.
И годинава “Весело Штурче” го задржува хуманитарниот карактер, откако минатата година заедно со Фондацијата за развој на локалната заедница стана дел од проектот Направи разлика финансиран од УСАИД.
Како и лани и оваа година дел од средствата собрани од продажбата на билетите и производите со логото на Веселото штурче, ќе бидат донирани во фонд од кој понатаму ќе се купи нешто што е значајно за заедницата, рече на денешната прес конференција Бобан Шарковски од ФРЛЗ.
- Инструментите кои ги гледате овде се всушност набавени од тоа што беше собрано минатата година од сите оние кои што купија карта или било каков производ од брендот Весело Штурче, дел од средствата отидоа во фондот и ова се инструментите кои и оваа година повторно ќе бидат користени од децата кои ќе пеат на фестивалот, рече Шарковски.
Годинава новитет е стипендијата која ФРЛЗ и “Весело Штурче” ја обезбедуваат за едно талентирано дете од ранливите категории, кое ссамостојно не би можело да ги покрие трошоците за учество на фестивалот, потенцираше Шарковски.
Јубилејното 30то издание на Веселото штурче предвидено е традиционално да се одржи во втората половина на септември, а според најавите на директорот Филип Стевановски предвиден е настап на 20 до 22 учесници.