Македонска алијанса за европска интеграција, партија, која ги претставува Македонците во Албанија, достави барање до албанскиот премиер Еди Рама, во кое ја повторува постојаната загриженост за македонската заедница во Албанија, која се „соочува со постојаните напори на бугарските власти за нејзина асимилација, искористувајќи го членството на Бугарија во Европската унија“.
-Бугарските власти користат различни средства и методи за да ја асимилираат македонската заедница во Албанија и да создадат непостоечка бугарска заедница. Забележителен пример е активноста на фондацијата „Бугарска меморија“ и нејзиниот претседател Милен Врабевски од Бугарија. Поддржана од разни бугарски структури, оваа фондација корумпира албански функционери преку донации, со цел да ги асимилира Македонците во Албанија, стои во дописот на МАЕИ.
Се додава дека оваа фондација постојано тврди и пишува дека ја има главната заслуга за започнување и организирање на целиот процес за признавање на бугарското малцинство во Албанија во 2017 година.
-Самиот овој факт зборува за вмешаноста на фондацијата во корупцијата на албанските власти. Со текот на годините, оваа фондација создаде мрежа во Албанија, инфилтрирајќи се во различни институции за да ја унапреди нивната агенда за асимилација на македонската заедница. Оваа мрежа, финансирана од фондацијата „Бугарска меморија“, е вклучена во бизнисот со бугарски пасоши во Албанија, се наведува понатаму.
Како што е веќе познато за властите но и за целата албанска јавност, се нагласува во дописот, во изминатите две години во Албанија, локалните власти за пари масовно во повеќе општини издаваат незаконски потврди за бугарско потекло за сите албански граѓани кои аплицираат за бугарски пасош, со цел да ги користат привилегиите на ЕУ.
Благодарение на телевизијата Топ Чанел и емисијата „Фикс Фаре“, наведува партијата, се докажа дека само општина Булќиза издала илјадници вакви незаконски потврди. И покрај дејствијата против службениците во општина Булќиза, оваа коруптивна практика на незаконско издавање потврди за бугарско потекло продолжува непречено во другите општини во Албанија, контролирани од мрежата на фондацијата „Бугарска меморија“.
Дополнително, според МАЕИ, оваа мрежа влијаеше на последниот попис на населението во Албанија, со инсталирање попишувачи во областите на македонското малцинство и со притисоци, закани и поткупи ги принудуваа албанските граѓани да се изјаснат за Бугари.
-Една од мерките на фондацијата „Бугарска меморија“ за корумпирање на албанските функционери и за асимилација на Македонците во Албанија, освен бизнисот со бугарските пасоши и незаконските потврди за бугарско потекло се и разните донации коишто ова фондација со поддршка на бугарската амбасада ги прави во областите каде што живеат Македонците во Албанија, претставувајќи ги Македонците како Бугари и предизвикувајќи револт кај Македонците во Албанија, наведува МАЕИ.
Во име на Македонците во Албанија, партијата ги повикува албанските власти да преземат решителна акција против „оваа криминална мрежа“ која е поддржана од фондацијата „Бугарска меморија“, што вклучува истрага за нивната улога во пописот и незаконското издавање на потврди за бугарско потекло.
-Бараме и забрана за активностите и донациите од фондацијата „Бугарска меморија“ во областите каде што живее македонската заедница, претставувајќи ги како Бугари, бидејќи овие дела претставуваат грубо мешање во внатрешните работи на Албанија и поттикнуваат етничка нетрпеливост. Македонците во Албанија се лојални граѓани кои придонесуваат за земјата преку редовно плаќање на даноците. Ја повикуваме владата да инвестира во развојот на регионите во кои живеат Македонците. Овие области, меѓу најсиромашните во Албанија, се запоставени повеќе од 30 години, се посочува во допсот.
Се оценува дека инвестирањето во областите каде што живее македонската заедница е клучно за „подобрување на условите за живот и работа и спречување на нашите сограѓани да станат жртви на обидите за негирање и асимилација од надворешни сили“.
Претседатеот на партијата Васил Стерјовски, за МИА, изјави дека истиот допис е упатен и до шефот на државата Бајрам Бегај, повеќе министерства, Народниот правобранител, Комисијата за борба против дискриминација, како и до меѓународните претставници во Тирана.