Македонија од земја која не ги искористуваше парите од европските фондови и ги враќаше назад, во последниве неколку години стана лидер по искористеност на средствата од ИПАРД програмата.Така стојат работите со македонските проекти кои се реализираат со европски пари, за жал само во ресорот земјоделие, покажуваат податоците до кои дојде ММС, а кои ни ги потврдија во Министерството за локална самоуправа.
Европската Унија не само што е наш најголем политички и економски партнер, туку и најголем донатор и инвеститор и тоа во контунуитет. Речиси и да нема населено место во земјава на кое нема да сретнете назнака дека е реализиран проект со финасиска поддршка на Европскната Унија која од македонските општини пред се бара иновативни проекти кои ќе понудат нови решенија за квалитетни услуги и подобра живеачка на граѓаните. Во овој контекст премиерот Димитар Ковачевски во една прилика објави податок дека во ИПАРД 2 Програмата ЕУ даде 60 милиони евра, за ИПАРД 3, а за Европската Унија на нашата земја ѝ одобри 97 милиони евра.
Тоа, како што објасни премиерот се неповратни пари, тоа не е задолжување на нашите граѓани, тие пари на ЕУ не треба да ѝ ги вратиме, настрана што кон крајот на октомври во 2020 година беше отворен повикот „ЕУ за општините”, тежок 10 милиони евра, исклучиво наменет за проекти на кои можеа да аплицираат сите општини.
Познато е дека со години Македонија одеше по трнливиот пат до европските пари, соочени не само со незнаење како да се одговори на европските барања и стандарди, туку и со недостиг на кадар, идеи како да се понудат квалитетни проекти кои ќе ја заслужат европската поддршка. Во овој контекст, не може да се запостави и фактот дека имавме и злоупотреба на европски пари од поединци кои фрлија дамка на европското пријателство, но по спроведени истраги вистината излезе на виделина, а виновниците беа санкционирани. Некои случаи се уште се во истрага. Сепак, и по овој неславен дел од македонската приказна Европската унија не ни ускрати од својата дарежливост и поддршка. Напротив, финасиската поддршка доби уште поголема тежина.
Оттаму, редакцијата на ММС во намера да прикаже како стојат работите, дали чекориме напред во однос на квалитетот на понудените проекти, а со тоа и на искористеноста на европските пари побаравме одговор од претседателот на ЗЕЛС Орце Ѓорѓиевски и од министерот за локална самоуправа Ристо Пенов:
За три години – нула реализација
Министерот за локална самоуправа Ристо Пенов во изјава за ММС даде поразителни податоци – за три години имаме нула реализација на проекти во рамки на повикот „ЕУ за општините“.
„Откако е отворен повикот „ ЕУ за општините“, освен општината Врапчиште која има 30 отсто реализација, состојбата со другите општини е нула реализација. Станува збор за повик од 10 милиони евра. Освен незнаење и немање капацитет, проблем е и немањето континуитет во локалната власт. Новите градоначалници не ги прифатија проектите од претходните и работите стојат во место. Не е воопшто добра состојбата. Кога го говорам ова, предвид имам дека станува збор за капацитетни општини како што се Охрид, Аеродром, Скопје, од кои се очекуваат квалитетни проекти, а не нула реализација“, вели Пенов.
Инаку, Врапчиште е една од осумте македонски општини кои добија финансиска помош во вкупна вредност од 5, 5 милиони евра од ЕУ и Минстерството за локална самоуправа со поддршка од Швајцарската агенција за развој.
Претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на општината Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски посочува неколку проблеми кои го отежнуваат аплицирањето на македонските општини и пристапот до европските пари. Тој во изјава за ММС објасни и што треба да се направи за да се подобри состојбата.
– Општините во Република Македонија имаат огромна потреба од средствата од ЕУ фондовите. За да се стигне до тие финансии, неопходни се проекти кои ќе бидат изработени во согласност со ЕУ регулативите и директивите. Капацитетите на општините, ако сакате и на целата државна администрација, за изработка на овие проекти се многу мали. Во рамките на овој двегодишен мандат не успеавме да најдеме кадар за изработка на ЕУ проекти што ќе работи за платите за општинската администрација. Во најголем дел од случаите потребно е ангажирање на консултанти кои за општините значат вложување на големи средства без гаранција за успешноста во аплицирањето. Јас, во мојата изборна програма од 2021 година, наведов дека ќе работам на креирање на тим кој ќе го обучиме да изработува ЕУ проекти и моите напори во таа насока продолжуваат – вели Ѓорѓиевски.
Вториот поголем проблем, додава претседателот на ЗЕЛС, е тоа што во Република Македонија, координатори на ЕУ помошта се повеќе институции како СЕП при Владата на Р.М., платежната агенција и други слични институции. Во изминатите две години немаме никаква поддршка или споделување на информации за ЕУ проекти од наведените институции.
„Покрај недостатокот на кадровски потенцијал, голема причина за неискористеноста на европските пари лежи во тоа што во голем дел на ЕУ проектите се бара кофинансирање од страна на општините. Како што е општо познато, општините во Македонија се оставени на работ на основна егзистенција, па од таму истите не се во можност да ги обезбедат потребните средства за кофинансирање. Генерално, ги користат проектите за прекугранична соработка со општините од нашите соседни држави и во оваа сфера постојат некакви резултати, најмногу во југоисточниот дел од државата. Она на коешто многупати апелирав, како што е застарениот, односно неевропскиот систем на финансирање на општините и неправедното трансферирање на средствата од централно на локално ниво, нееднаквиот третман на општинската во однос на државната даночна администрација, затвореноста на Владата кон општините, немањето на никаква комуникација, а камо ли соработка, ги дава своите негативни резултати и на ова поле, што резултира со тоа нашите граѓани да не стигнуваат до средства кои се навистина потребни за реализација на проекти“, вели Ѓорѓиевски.
Градоначалникот на Кисела Вода го прашавме и за кои проекти постои најголем интерес и има најголема потреба да бидат поддржани и која е неговата порака до другите градоначалници за подобар пласман, односно поквалитетна понуда на проекти:
„Во поглед на тоа што е приоритетно и од најголем интерес, би издвоил дека тоа би било финансирање на инфраструктурни проекти, као што се на пример- водоводи, патишта, канализации, проекти од областа на заштита на животна средина и проекти од областа на човечките ресурси. Мојата порака до општините е да ги следат овие повици, да градат капацитети во општините за ЕУ проекти, а во меѓувреме за сите прашања да се координираат со ЗЕЛС и да аплицираат на сите ЕУ повици за кои ќе бидат информирани“, вели Ѓорѓиевски за ММС.
Програмата „EУ за општините“ нуди повеќе можности за финансирање и на нови проекти кои можат да придонесат и за подобрување на транспарентноста во спроведувањето на јавните набавки, потоа изработка на локални планови за обновливи извори на енергија и многу други проекти за кои можат да аплицираат македонските општини.
Нам ни останува – да ги засукаме ракавите и да ги остраниме сите потешкотии што ги посочуваат и самите апликанти.
С.Митреска