АЦВ е надлежно тело за заштита на правата на патниците во однос на летови од/до аеродромите во Република Северна Македонија.
Работите поврзани со заштита на правата на патниците поврзани со долго доцнење на лет, откажување на лет или забранет влез во воздухоплов, како и други права кои произлегуваат од прифатените меѓународни договори ги извршува нејзиниот Сектор за меѓународно правни работи, додека пак работите поврзани со заштита на правата на патници со посебни потреби и лицата со намалена подвижност во воздушниот сообраќај ги извршува нејзиниот Сектор за аеродроми и воздухопловна навигација.
Република Северна Македонија го има усогласено своето национално законодавство со правото на Европската унија кое се однесува на заштита на правата на патниците во воздушниот сообраќај, односно со ЕУ Регулативата 261/2004 за утврдување на заедничките правила за обесштетување и помош на патниците во случај на долго доцнење на нивниот лет, откажување на лет или забранет влез на патниците во воздухоплов, како и со ЕУ Регулативата 1107/2006 која се однесува на правата на лица со посебни потреби и лицата со намалена подвижност во воздушниот сообраќај.
Овие регулативи се преземени со Мултилатералната спогодба за формирање Европска заедничка воздухопловна област (ЕЗВО/ЕСАА) која е објавена во “Службен весник на Република Македонија” бр. 27/07 и 98/09 и “Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 259/19.
ЕУ Регулативата 261/2004 е транспонирана во Законот за облигациони и стварно правни односи во воздушниот сообраќај (“Службен весник на Република Македонија” бр. 85/08, 148/11, 10/15, 150/15 и 173/15), а ЕУ Регулативата 1107/2006 е транспонирана во Уредбата за мерките и процедурите за олеснување во цивилното воздухопловство (“Службен весник на Република Македонија” бр. 50/11, 36/13, 26/16 и 37/18).
Правата на патниците во воздушниот сообраќај во однос на нивниот багаж како и телесна повреда или смрт се регулирани со Законот за облигациони и стварно правни односи во воздушниот сообраќај (“Службен весник на Република Македонија” бр. 85/08, 148/11, 10/15, 150/15 и 173/15) и Конвенција за изедначување на одредени правила во врска со превоз по воздушен пат (Монтреалска конвенција) (“Службен весник на Република Македонија” бр. 25/00).
Долго доцнење на лет
Доколку вашиот лет доцни над одредени временски рамки, вашиот авиопревозник е должен да ви достави информација на писмено во врска со вашите права како и за правото на згрижување. Временските рамки се следните:
- За сите летови пократки од 1500км (краток превоз), доцнењето мора да биде подолго од 2 часа;
- За сите ЕЗВО летови подолги од 1500км и сите останати летови помеѓу 1500 – 3500км (превоз со средно времетраење), доцнењето мора да биде подолго од 3 часа;
- За сите летови подолги од 3500км (долг превоз), доцнењето мора да биде подолго од 4 часа.
Ако вашиот лет доцни повеќе од 5 часа (без разлика на должината на патувањето) и вие донесете одлука да не патувате, имате право на целосен поврат на вашите средства.
Што се подразбира под поимот “право на згрижување”?
Правото на згрижување се состои од:
- Оброк и пијалоци за освежување (во разумен сооднос со времето на чекање);
- Хотелско сместување (кога преноќувањето станало неопходно);
- Транспорт помеѓу аеродромот и хотелот (кога за тоа има потреба) и
- 2 телефонски повици/факс/е-маил.
Доколку авиопревозникот не ви го обезбеди горенаведеното право на згрижување и принудени сте истото да го остварите во сопствен аранжман, треба да ги зачувате сите сметки бидејки ви следува надомест на разумно направените трошоци.
Компензација
Имате право на компензација доколку пристигнете на вашата дестинација 3 или повеќе часа после предвиденото време на пристигнување освен во случаите каде авиопревозникот може да докаже дека доцнењето на летот било предизвикано од вонредни околности кои не можеле да се избегнат.
Износот на компензацијата која се исплаќа зависи од растојанието на летот. Доколку летот е класифициран како:
- Краток превоз, износот кој се исплаќа е 250 евра по патник.
- Превоз со средно времетраење, износот кој се исплаќа е 400 евра по патник.
- Долг превоз, износот кој се исплаќа е 600 евра по патник.
Како би знаеле дали вашиот лет е краток, превоз со средно времетраење или долг превоз?
За пресметување на растојанието на еден лет може да го користите методот ‘Great Circle’. Ова е вообичаениот метод користен во воздухопловниот сектор за да се пресмета растојанието помеѓу два аеродроми.
Следниот линк ве води до веб порталот на ‘Great Circle’ каде можете да го пресметате растојанието на вашиот лет согласно овој метод: http://www.gcmap.com/
Откажување на лет
Доколку вашиот лет е откажан – без разлика на тоа кога сте биле информирани за откажувањето – вашиот авиопревозник треба да ви понуди една од следните опции:
Опција 1 – Пренасочување најблиску до оригиналното време за полетување;
Опција 2 – Пренасочување на подоцнежен датум или
Опција 3 – Надомест на трошоците на билетот кој не е искористен.
Запомнете дека доколку изберете да бидете пренасочени во најкус можен рок авиопревозникот е должен да ви овозможи “Право на згрижување” додека го чекате вашиот алтернативен лет.
Правото на згрижување се состои во следното:
- Оброк и пијалоци за освежување (во разумен сооднос со времето на чекање);
- Хотелско сместување (кога преноќувањето станало неопходно);
- Транспорт помеѓу аеродромот и хотелот (кога за тоа има потреба) и
- 2 телефонски повици/факс/е-маил.
Доколку авиопревозникот не ви го обезбеди горенаведеното “Право на згрижување” и принудени сте истото да го остварите во сопствен аранжман, треба да ги зачувате сите сметки бидејки ви следува надомест на разумно направените трошоци.
Вашите останати права варираат во зависност од тоа кога сте биле информирани за откажувањето на летот.
Преместување на место од пониска класа
Определени авиопревозници – најчесто оние кои се специјализирани за долги летови – нудат билети со различни класи, прва класа, економска класа, бизнис класа итн. Патниците кои сакаат да летаат со некоја од повисоките класи вообичаено плаќаат и повисока цена за нивниот билет.
Меѓутоа понекогаш иако патникот резервирал и платил билет за определена класа авиопревозникот не ве сместува во класата за која сте платиле и ве принудува да се сместите во место од пониска класа. Оваа ситуација е позната како преместување на место од пониска класа.
Што ви следува доколку сте преместени на место од пониска класа?
Доколку сте преместени на место од пониска класа тогаш авиопревозникот треба да рефундира одреден процент од цената на делот од летот во прашање. Процентот варира зависно од растојанието на односниот лет.
Доколку сте преместени на лет од:
- 1500км или помалку тогаш 30% од цената на летот во прашање треба да биде рефундирана
- 1500км до 3500км тогаш 50% од цената на летот во прашање треба да биде рефундирана
- Повеќе од 3500км тогап 75% од цената на летот во прашање треба да биде рефундирана
Забрана за влез во воздухоплов
Постојат два вида на забрана за влез во воздухоплов:
- Забрана за влез против волјата на патникот и
- Доброволно откажување од влез во воздухоплов.
Заштита на правата на патници со посебни потреби и патници со намалена подвижност
ЕУ Регулативата 1107/2006 ги обврзува тур-операторите, авиопревозниците и менаџерските тела да обезбедат висококвалитетна и практична помош на патниците со посебни потреби и патниците со намалена подвижност со цел да имаат еднакви можности за патување како и останатите патници.
Жалба за долго доцнење на лет, откажување на лет, забранет влез во воздухоплов или сместување во пониска класа
Патниците кои веруваат дека имаат валидна причина за жалба против авиокомпанија во однос на долго доцнење на нивниот лет, откажување на лет, забранет влез на патниците во воздухоплов или сместување во пониска класа, прво треба таквата жалба да ја поднесат до авиокомпанијата што оперирала со тој лет.
Доколку патниците сметаат дека одговорот од авиопревозникот не е задоволителен или воопшто не добиле никаков одговор 6 недели од денот на испраќање на жалбата до истиот, тие можат да поднесат жалба до Агенцијата за цивилно воздухопловство
Жалба до Агенцијатa за цивилно воздухопловство може да се поднесе на:
Поштенската адреса:
Агенцијата за цивилно воздухопловство
Даме Груев 1,
1000 Скопје,
Република Северна Македонија
Електронска адреса:
За жалби поврзани со одбиен влез во воздухоплов, откажување на лет или доцнење: passengerrights@caa.gov.mk
За жалби од патници со посебни потреби или намалена подвижност: rbajrami@caa.gov.mk