Околу 150 македонски граѓани, кои дел од својот работен век го поминале во Италија, повеќе од две години по остварувањето на правото на пензија, не ги добиваат своите парите од странство. По враќањето во Македонија, овие „италијански пензионери“, земаат пензија којашто изнесува колку и една исплата на социјална помош. Во некои случаи, како што тврди еден наш соговорник, износот е и помал од социјална помош.
Егзистенцијата на овие некогашни гастарбајтери зависи од договор стар близу 70 години – потпишан меѓу Италија и сега веќе непостоечка држава – Федеративна Народна Република Југославија, во чиј состав некогаш беше и нашата земја.
Во 2014 година, меѓу Македонија и Италија бил потпишан нов билатерален договор за социјално осигурување со кој се регулирани правата на работниците кои дел од стажот го поминале во другата држава, како во случајов со македонските пензионери. Договорот, веднаш потоа бил ратификуван од македонска страна. Но, неговата ратификација заглавила во италијанскиот Парламент.
По повеќе ургенции од македонското Министерството за труд и социјална политика до италијанското Министерството за надворешни работи, факт е дека ни по десет години договорот не е ратификуван во италијанскиот Парламент.
И додека поминуваат годините во „административен застој“, се зголемува веројатноста дел од овие луѓе никогаш да не доживеат да си го остварат неоствареното право. Во меѓувреме, секој месец се зголемуваат бројките на македонските пензионери од Италија, каде живеат околу 70.000 македонски граѓани.
Според сѐ уште нератификуваниот билатерален договор за социјално осигурување, Македонија и Италија, преземаат обврска да комуницираат и да ги регулираат односите со кои на македонските граѓани ќе им ги обезбедат правата во согласност со остварениот работен стаж. Кај нас правото на пензија е загарантирано и зависи од висината на примањата и должината на работниот стаж. За да се оствари минимална пензија потребно е граѓанинот да има најмалку 15 години работен стаж, без оглед кога и во која држава го стекнал.
Во Италија, за италијанските граѓани кои работеле во Македонија, методологијата за пресметка на пензијата е едноставна. Се пресметува износот кој на пензионерот му припаѓа според заработеното во Македонија, на што се додава и износот што треба да го исплаќа италијанската страна. До стекнување на правото на делот од италијанската пензија, односно до навршена 67 годишна возраст, колку што е тамошната возрасна граница, нашиот пензиски систем го исплаќа износот до минимална пензија – доколку лицето без овој стаж не го исполнува условот. Со наполнување на 67 години се прават нови пресметки, во зависност на износот што го доделува Италија. Два месеца пред да ја наполни потребната возраст, лицето е должно повторно да поднесе документи до Фондот за пензиско и инвалидско осигурување за да му се одобри ново решение за пензија. И тука настанува проблемот.
Невидливи за системот или државна негрижа?
Според истражувањето на Локал Актив, повеќе од 150 лица со вакви проблеми талкаат низ бирократските лавиринти. Само во Делчево се евидентирани десетина пензионери кои се надеваат дека ќе го добијат делот од пензијата што им следува од нивната работа во Италија.
Ако сакаат да дојдат до заработените странски пензии, ќе треба сами да патуваат до Италија и по неколку пати, бидејќи административно двете држави проблемите ги решаваат бавно. Или пак воопшто не ги решаваат.
Личните истории на Фетах Јашаров и Ѓорѓи Спасевски се дел од многу други слични животни приказни на некогашните печалбари.
Јашаров работел во две земји членки на Европската унија – Словенија и Италија, но откако се вратил дома во Делчево, тој живее со 6000 денари, иако законски му следуваат 13.000 денари.
„Македонија си ја сакам во душата, но транзицијата ме натера и мене, како и многу други граѓани, лебот да го заработувам по „белиот свет“. Работев во Словенија и Италија, за на крајот од работниот век да се вратам дома и да ја користам заработената пензија. Но, од денот кога се пензионирав до денес немав ‘слатка пензија’. Најпрво мораше 7 месеци да се чека решение од Словенија, иако барањето беше поднесено два месеца пред да наполнам 65 години. Невладината организација „Кхам“ од Делчево ми помогна да остварам средба со раководителката на ПИОМ, постапката се забрза и добив решение за минимална пензија. Парите од Словенија ми стигнаа по осум месеци, а минималната пензија ја користев до наполнување на 67 години“, раскажува Јашаров.
Во моментот кога очекувал дека пензијата ќе му порасне со делот од пензијата од Италија, се појавил проблемот. Повеќе од две години Јашаров не може да дојде до делот што му следува.
„Тогаш повторно поднесов барање до ПИОМ, за да го добивам надоместокот што ми следува за работата во Италија, но поминаа повеќе од две години, а јас и понатаму ја добивам пензијата само од Македонија и Словенија. Среќа што со моите 69 години сум здрав и витален, не одам многу по болници како други мои врсници, па се тера некако во животот“, сведочи Јашаров.
Во обид да најде решение за својата мака, тој повеќепати одел во Фондот за ПИОМ во Скопје, а за проблемот била информирана и министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска. Го известил и Хелсиншкиот комитет за човекови права. Јашаров стигнал и до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација. Таму поднел претставка дека не ги ужива правата како останатите пензионери, со надеж дека конечно проблемот ќе се реши.
„Одговорот од Комисијата е дека не е утврдена директна дискриминација, односно ПИОМ упатил неколку ургенции до италијанската страна, но едноставно системот не функционира. Од писмото може да се види колку бавно, неажурно и неодговорно се постапува од страна на државата, односно дека таа вложила минимум енергија, к олку да се покрие и никој да не одговара. Во одговорот што го добив пишува дека во последните три години повеќе од 500 лица поднеле барања за пензија до италијанскиот Фонд за социјално осигурување и дека постапката трае над две години. Срамота е државата која законски е должна да ти го обезбеди тоа што ти припаѓа, мирно да го прифаќа фактот дека нема да го добиеш и без гајле од што ќе живееш“, додава Јашаров.
Живот со пензија од 3000 денари
Уште посериозна е приказната и судбината на делчевецот Ѓорѓи Спасевски, кој има високи трошоци за лекување и тешко преживува со минималниот износ што го добива.
„По професија сум електричар. Кога наполнив 64 години се стекнав со право на минимална пензија и ја добивав до наполнување на 67 години. Како што си е според законот, два месеца пред да наполнам 67 години, повторно поднесов барање до ПИОМ и до италијанскиот Фонд. На мое изненадување, добив решение за пензија од само 3.000 денари. Бев до Скопје, еднаш, два пати, пет пати, и секогаш добивав одговор дека се чека од Италија. Се обидовме по разни канали да дознаеме што се случува. Од нашиот ПИОМ рекоа дека до јуни 2022 година биле пуштени четири ургенции, ќе се обиделе и со петта“, раскажува Спасевски, истоштен од болеста што го снашла.
Животот со 3000 денари пензија се одразува врз сите членови на семејството. Сопругата на Ѓорѓи, Лилјана Спасевска вели дека има чувство како државата да ги заборавила токму кога им требаат најмногу пари за неговото лекување, а и таа веќе има закажано оперативен зафат.
„Трошоците за живот растат, само за лекови и патување по клиники се трошат огромни средства, ама кому му е важно?! Имам син во Италија, лично отиде во Трст каде што се поднесуваат и комплетираат документите. Од италијанската страна рекле дека проблемот е во Македонија затоа што недостасувале податоци за стажот на Ѓорѓи. Италијанскиот фонд не комуницира со роднини на пензионерите, туку само лично или со македонска државна институција. Син ми ги замолил и им објаснил каква е состојбата со Ѓорѓи, па очекуваме напредок. Само се прашувам што прави државата – како може немо да ги гледа маките на своите пензионери“, истакнува Спасевска.
Социјална пензија како преодно решение
Дел од граѓаните, кои чекаат решавање на застојот со пензиите со Италија, добиваат социјална пензија од 6000 денари, како привремено решение до остварување на правото на странската пензија. Социјалната пензија е воведена во март 2019 година за лицата коишто наполниле 65 години старост, а немаат друг начин да остваруваат право на пензија. Се работи за стари лица кои се и кои материјално необезбедени.
„Право на социјална пензија имаат сите лица коишто се државјани на Република Северна Македонија најмалку 15 години и не примаат старосна пензија, вклучувајќи ги и лицата без ден работен стаж. Корисникот на правото на социјална сигурност за старите лица, се пропишува исто така во предложеното законско решение, има право на паричен додаток заради покривање на дел од трошоците за потрошувачка на енергенси во домаќинството, за месеците од октомври до март, соопшти Министерството за труд и социјална политика (МТСП).
Во март 2019 година, кога беше усвоен Законот за социјална сигурност на старите лица, вкупно 2631 лице доби социјална пензија.
Како Македонија се грижи за пензионерите?
Локал Актив за одговор на прашањата за Јашаров и Спасевски се упати во Подрачното одделение на Фондот за Пензиско и инвалидско осигурување во Делчево. Службениците многу добро се запознаени со проблемот на италијанските пензионери, но за решение, ги препраќаат во Скопје.
„Нашето одделение работи со пензионерите кои треба да ги остварат своите права од Македонија и од бившите југословенски републики, кои се создадоа како посебни држави. Знаеме за проблемот со пензионерите кои треба да земаат пензија од Италија и има 11 такви случаи во Делчево и Македонска Каменица. Што се однесува до нас, ние ги испраќаме барањата до ПИОМ во Скопје, каде имаме канцеларија за странски пензии, а оттаму комуницираат со странските фондови врз основа на утврдени правила и меѓународни договори. Ние од овде можеме само да испраќаме ургенции и да следиме дали има одговор по нив, но за сега тешко оди“, вели Снежана Стојчевска, раководителка на Подрачното одделение на ПИОМ.
На оваа адреса заврши и претставката од Фетах Јашаров упатена до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД). Јашаров, како оштетен, се жали на нееднаквата положба во однос на останатите пензионери. По два месеца дојде за него разочарувачко известување дека, како што пишува во одговорот, „не станува збор за извршена дискриминација од страна на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување“. Меѓутоа, Комисијата во писмениот одговор констатира и државната негрижа, неодговорност и нефункционалност на целиот систем.
Во 2014 година, меѓу Македонија и Италија бил потпишан нов билатерален договор за социјално осигурување со кој се регулирани правата на работниците кои дел од стажот го поминале во другата држава, како во случајов со македонските пензионери. Договорот, веднаш потоа бил ратификуван од македонска страна. Но неговата ратификација заглавила во италијанскиот Парламент.
Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) во писмениот одговор дава образложение за активностите кои ги презела. Според образложението, на 15 јуни 2023 година, КСЗД од Фондот на ПИОМ побарала да се произнесе за случајот на Јашаров. Бидејќи оттаму не бил добиен одговор, членови на Комисијата направиле увид во просториите на ПИОМ. Притоа утврдиле дека барањето од Јашаров во ПИОМ пристигнало на 29 септември 2021 година, а на 04 ноември 2021 година тоа било испратено до италијанскиот Фонд за социјално осигурување. До денот на увидот не стигнал одговор од Италија.
„Раководителката на Одделението за решавање на правата од ПИО по одредбите на ЕУ и меѓународни договори за социјално осигурување истакна дека дури 90% од барањата се примаат и проследуваат со доцнење, а некогаш и по период подолг од две години. На крајот од увидот, членката на Комисијата утврди дека од страна на ПИОМ целосно е оформен предметот за остварување на право на пензија на подносителот на претставката Фетах Јашаров, при што уредно се испратени сите потребни документи до италијанскиот Фонд за социјално осигурување. Притоа, констатирано е дека од страна на италијанскиот Фонд сè уште нема одговор на предметното барање, поради што постапката за остварување на ваквото право на подносителот е во тек. Земајќи ги предвид наводите во претставката, произнесувањето за неа, како и собраните докази, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација утврди дека не станува збор за извршена дискриминација од страна на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Р.С. Македонија врз подносителот Фетах Јашаров“, стои меѓу другото во официјалниот одговор од КСЗД.
Локал Актив контактираше и со министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска која потврди дека од пред извесен период е запознаена со проблемот и лично се заложила за негово надминување. Договорено е да се одржи видео конференција со италијанскиот Фонд за социјално осигурување за да се забрза решавањето на судбината на овие пензионери на хартија.
Југословенска конвенција од пред 65 години актуелна во независната македонска држава
Истражувајќи ги причините за застојот со исплатата на италијанскиот дел од пензиите за македонските пензионери, Локал Актив побара одговор од Министерството за труд и социјална политика. Оттаму стигна опширен одговор во кој меѓу другото е наведено дека „во отсуство на билатерален договор за социјално осигурување, меѓу Република Северна Македонија и Република Италија во примена е Конвенцијата за социјално осигурување од 14 ноември 1957 година, преземена по пат на сукцесија од поранешна ФНРЈ, која ќе се применува до стапување во сила на нов билатерален договор за социјалното осигурување помеѓу двете држави“.
„Билатералниот договор за социјално осигурување склучен меѓу Република Северна Македонија и Република Италија во Скопје на 25 јули 2014 година е ратификуван од страна на Собранието на Република Македонија со донесување на Законот за ратификација на Договорот меѓу Република Македонија и Република Италија за социјална сигурност, на седницата одржана на 27 октомври 2014 година, објавен во „Службен весник на РМ” на 30.10.2014 година („Службен весник на РМ” бр. 159/2014), но истиот не е влезен во сила. Согласно одредбите од член 48 од Договорот, овој договор ќе се ратификува од двете држави договорнички според соодветните процедури и инструментите за ратификација кои ќе бидат разменети во најкраток можен период и Договорот ќе влезе во сила на првиот ден од третиот месец кој следува по месецот во кој ќе се изврши размена на инструментите за ратификација и на тој датум помеѓу Република Италија и Република Северна Македонија, со што целосно ќе престане да важи Конвенцијата за социјално осигурување помеѓу Република Италија и Народна Федеративна Република Југославија“, соопштија од МТСП.
Оваа конвенција стара 65 години склучена помеѓу држави договорни страни од кои едната веќе не постои, е единствениот валиден договор врз чија основа им се исплаќа пензијата на македонските граѓани. Од Министерството признаваат дека овој договор е „многу ограничен“.
„Конвенцијата е склучена во околности на различни општествени и државни уредувања, под различни социо-економски услови и околности, поради што нејзината практична имплементација е доста ограничена и создава тешкотии во процесот на координација на системите за социјално осигурување во остварувањето на правата од социјалното осигурување на граѓаните на двете држави“, се констатира меѓу другото во одговорот од Министерството.
Македонија со повеќе европски земји, како и со австралиските и канадските власти досега потпишала и применува 21 договор за социјално осигурување и еден договор за потврда на стаж за остварување на право на старосна и семејна пензија. Покрај нив, во важност се уште шест конвенции што ги има преземено од поранешната југословенска држава, а склучени се со Франција, Обединетото Кралство Велика Британија и Северна Ирска, Норвешка, Данска, Шведска и Италија.
Фонд на пензиско и инвалидско осигурување на РСМ, филијала во Делчево
Со оглед на големиот број македонски граѓани кои со години работат во Италија, останува прашањето зошто во изминатите три децении од македонската независност поинтензивно не се инсистирало за решавање на еден толку едноставен случај за да се заштитат правата на сопствените граѓани, како што останува прашањето зошто италијанскиот парламент толку долго не успева да го ратификува договорот.
Од Министерството за труд и социјална политика објаснуваат дека преку Министерството за надворешни работи неколкупати доставило иницијатива до Република Италија за ратификација на билатералниот договор за социјално осигурување. Минатата година била воспоставена и електронска комуникација меѓу претставниците на надлежните министерства за социјално осигурување од двете држави, кои ги размениле списоците со досиејата на предметите што се спорни, а заради соодветна проверка и разрешување.
„Во последно време, заради неодложност на постапките, комуникацијата на Фондот на ПИОСМ со италијанските институции се одвива и по електронски пат и тоа за доставувањето на одредени документи или податоци кои се значајни за постапката. По воспоставувањето на електронската комуникација има подобрување на состојбата во однос на решавањето на предметите“, стои во одговорот од МТСП.
Но, факт е дека и покрај овие заложби, како што тврдат од МТСП, македонските власти десет години не успеале да влијаат на формална ратификација на билатерален договор од италијанскиот Парламент.
Можни решенија за проблемот
Пензионерите очекуваат поголем ангажман на службите за решавање на нивниот проблем. Немаат ниту пари, ниту здравје да патуваат во Италија, па сами да тропаат на вратите на Фондот за социјално осигурување.
Очекуваат преку македонското Министерство за надворешни работи да се договори состанок и да се оствари непосредна средба со одговорните на Италијанскиот фонд за социјално осигурување во Трст или во Рим, а преку нашите дипломатски претставници да се побара итно решавање на проблемите;
Едно од нивните барања, за кое велат дека е најреално решение е Министерството за труд и социјална политика преку Фондот за ПИОМ да им исплаќа минимална пензија на сите кои не го остваруваат правото заради неисполнувањето на законската обврска што ја има преземено државата. Кога италијанската страна ќе им го признае правото на нашите пензионери, тамошниот фонд ќе може директно да ги исплаќа средствата на ПИОМ.
Од граѓанскиот сектор, кој помага да се најде решение за овие пензионери, им се предлага да ја тужат државата паради преземаните, а неисполнети законска обврски согласно потпишаните конвенции, протоколи и договори.
Во меѓувреме, на нашите „италијански“ пензионери им преостанува само да ја чекаат најавената видео конференција и да се надеваат дека нивниот проблем ќе се реши со добра волја на Фондот за социјално осигурување во Италија.