Вкупно 45 социјални станови беа доделени денеска во Неготино, во новоизградената социјална зграда. Становите се еднособни и двособни со површина од 35 до 45 квадратни метри.
Во обраќањето премиерот Димитар Ковачевски рече дека за првпат во Неготино е направена ваква станбена зграда.
-Обезбедувањето пристап до социјални станови е камен темелник на нашата посветеност. Владата која ја предводам во изминатите години со доделување на социјални станови на ранливи категории на граѓани создаде услови секој без разлика на околностите да има сигурност и достоинствено место за живеење, да има свој дом, истакна Ковачевски.
Изминативе години изградени се или се во фаза на изградба 860 социјални станови во Струмица, Гостивар, Македонски Брод, Пробиштип, Виница, Свети Николе, Гевгелија, Демир Капија. Социјални станови, како што најави Ковачевски, ќе добијат и нашите сограѓани во Велес, Бутел, Дебар и Кочани.
-Делењето на социјални станови ја одразува нашата посветеност на поттикнување на инклузивни заедници и обезбедување на стабилност за ранливите категории на граѓани, нагласи премиерот.
Наша цел како Влада, рече Ковачевски, е секогаш да бидеме поддршка и поткрепа на немоќните лица, самохраните родители, граѓаните кои се со привремени вработувања, социјално ранливите граѓани.
-Пред неколку недели го донесовме деветтиот пакет на антикризни мерки вреден 662 милиони евра и содржи 26 мерки за поддршка на ранливите категории на граѓани, на пензионерите, на студентите, за компаниите, како и поддршка за услови на зголемени трошоци на живот и продолжени ефекти на енергетската криза, рече Ковачевски.
Со овие мерки се опфатени 120 илјади млади лица, над 74 илјади социјално ранливи категории на граѓани, над 180 илјади пензионери, 40 илјади земјоделци, речиси 540 илјади корисници на апликацијата мој ДДВ, 600 илјади домаќинства со субвенционирана електрична енергија и над 70 илјади компании исто така со субвенционирана цена на струја.
Ковачевски додаде дека пакетот содржи и системски мерки со кои во 2023 и 2024 година се опфатени над 338 илјади пензионери и 106 илјади вработени во јавниот сектор.
– Во пакетот вреден 2,7 милијарди евра се предвидени 16.741 граѓанин корисници на надоместок заради попреченост, самохраните родители корисници на загарантирана минимална помош и родители на деца со попреченост до 26 година. Оваа група граѓани во наредните пет месеци ќе добиваат по 2.000 денари месечно. И оваа година исто како и лани предвидени се мерки за поддршка и заштита на стандардот на пензионерите со најниски пензии, како и за учениците и студентите од семејства од социјално ранливите категории на граѓани, додаде премиерот.
Тој рече дека мерките наменети за домаќинствата, граѓаните и земјоделците се во вредност од 156 милиони евра.
МИА