Државниот секретар на САД, Ентони Блинкен и помошник државниот секретар на САД за Европа и Евроазија, Џејмс О’Брајан укажаа на тоа кој е патот за напредок на Северна Македонија при неодамнешната посета на земјата, рече во изјава за МИА портпаролот на Стејт департментот на САД.
САД ја охрабруваат Владата на Северна Македонија да ги преземе сите можни мерки за да се постигне најдобрата можна иднина на земјата, се наведува во изјавата од Стејт департментот за МИА.
Запрашан дали американската дипломатија помага во надминување ќор-сокакот со неможноста да се изгласаат уставните измени како предуслов за напредок во претпристапните преговори со ЕУ, портпаролот вели дека одговорот за тоа треба да се бара на претстојните избори.
- „Се надеваме дека на претстојните избори гласачите ќе бараат транспарентност и одговорност од избраните лица и ќе побараат посилна, подобра и попросперитена земја која ја заслужуваат“ изјави портпаролот.