Во Македонската академија на науки и уметност вчера се изврши примопредавање на донација во специјализирана техничка опрема за зачувување на вредните архивски материјали на Академијата.
Донацијата ја обезбеди „Ротари клуб Скопје Вест“ од свои средства, како и од донациите собрани на клупската донаторска вечер одржана во мај, оваа година во Даутпашиниот амам.
Опремата, како што соопштуваат од „Ротари клуб Скопје Вест“ се состои од скенер за пресловување на физичките објекти, како што се слики, текстови, документи или артефакти.
– Со помош на различни техники за скенирање, како што се оптичко скенирање, со јасен, висок квалитет на резолуција, се добиваат дигитални копии од објектите, се додава во соопштението.
МАНУ доби и лед осветлување, стативи и друга опрема за прецизно фотографирање и скенирање, софтвер за обработка на дигиталните слики, превземени со помош на скенерите или фотоапаратите, специјализиран печатач за високо квалитетно печатење на скенираните објекти, уреди за безбедно складирање на скенираните и дигитализирани податоци на културното наследство, како и технолошки напредни компјутери со софистицирани графички картички.
-Опремата за скенирање на културно наследство има голема важност во процесот на презервација и пристап до културните артефакти, се наведува во соопштението од „Ротари клуб Скопје Вест“ .
На вчерашната средба се потпиша договор за изработка на модерна ВЕБ страница на институцијата, која ќе ја подигне транспарентноста и комуникативноста на МАНУ со сите заинтересирани за нејзината дејност.
Донацијата се додели во присуство на претседателот на МАНУ, академик Љупчо Коцарев, актуелниот претседател на РК Скопје Вест, Борислав Несторовски и поранешната претседателка и воедно иницијаторка на проектот, Елеонора Блажевска, како и дел од членовите на РК Скопје Вест, меѓу кои и почесната членка на клубот, академик Катица Ќулафкова, потоа раководителот на архивот на МАНУ, Љубомир Ѓоревски и координаторот на Сојузот на македонските Ротари клубови, Горан Митевски.