Со буџетската Програма за рамномерен регионален развој, 800 милиони денари или околу 13 милиони евра Владата насочува за директна поддршка на инклузивниот регионален развој за вкупно 129 проектни можности за подобрување на квалитетот на животот на граѓаните во урбаните и руралните средини во сите 80 општини во целата држава, пишува порталот „Рацин.мк“.
На овој начин се прави исчекор кон намалување на социо-економските разлики, поттикнување на единството меѓу руралните и урбаните области и подобрување на севкупната социјална благосостојба на нашите граѓани.
Програмата и финансиските средства издвоени за конкретни проекти се обврска за градоначалниците да осигурат овие средства да се претворат во опипливи резултати за подобрувања на животот на сите граѓани во нашите општини, истакна денес вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.
- „Се надевам дека овие финансиски средства за секој поединечен проект, максимално одговорно и совесно ќе ги искористат. Заедно треба да градиме инклузивна и одржлива иднина за сите наши сограѓани во државата, да создаваме можности за просперитет кој нема да познава граници“, изјави на настанот на кој беа потпишани договорите меѓу Владата и градоначалниците на 80 општини вицепремиерот задолжен за координација на економските ресори Фатмир Битиќи.
Како што нагласи вицепремиерот Битиќи, проектите се распределени во 4 групи и тоа проекти за намалување на диспаритетите меѓу и во рамките на планските региони и зголемување на регионалната конкурентност; проекти за подрачја со специфични потреби; проекти за развој на селата од програмата за Рамномерен регионален развој; и проекти за развој на урбани подрачја.
Од вкупната сума на средства предвидени за финансиска поддршка на општините, 440 милиони денари се наменети за 29 регионални проекти кои ќе се реализираат преку осумте плански региони, додека 360 милиони денари се наменети за 100 локални проекти кои ќе се реализираат преку единиците на локалната самоуправа.