После долги превирања и одолговлекувања, на вчерашната владина седница усвоена е информацијата за пренесување на правото на реконструкција, доградба и надградба на Универзална сала, од Град Скопје на Министерството за култура.
- Владата ме задолжи да го склучам договорот за регулирање на меѓусебните права и обврски меѓу договорните страни, откако текстот на договорот беше усогласен со Град Скопје, напиша вчера на својот фејсбук профил министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.
Во својата објава на Фесбук, Костадиновска-Стојчевска потврди дека Министерството за култура го презема правото за реконструкција на Универзална сала.
- После серија иницијативи преземени од наша страна, успеавме да постигнеме договор со Град Скопје согласно одлука на Советот на Град Скопје, кој претставува вистинскиот правилен пат да се продолжи со реконструкцијата на Универзална сала. Министерството за култура станува инвеститор на Универзална сала и очекувам веднаш да ја добиеме целокупната документација од Градот Скопје, односно проектно-техничката и финансиската документација за реконструкцијата на салата. Културата не смее веќе да чека, стои во Фејсбук објавата на министерката за култура.