Сара Миленковска и Иван Дургуров се дел од активистите кои активно се вклучија во кампањата “Сложувалка” во рамките на 16 денови активизам за борба против насилството врз жената.
Велат дека иако до сега е направено многу, во насока за охрабрување и поддршка на жените и девојките жртви на насилство да се охрабрат и отворено да зборуваат, сепак има уште многу работа на ова поле.
Кампањата “Сложувалка” во рамките на „16 денови активизам за борба против насилството врз жената“ ја спроведува Министерството за труд и социјална политика заедно со канцелариите на УНФПА во Северна Македонија со поддршка од Британската амбасада.
- Мислам дека жените не се охрабруваат доволно и треба да работиме многу повеќе и многу по директно на сите нивоа во општеството. Мора да ја промениме културата на комуникација, мора да работиме на начин на кој што кога некој се охрабрува да го сподели своето искуство, да не го осудуваме. Тоа е првиот почеток и вториот уште позначаен е да не бидеме неми сведоци кога ова се случува, туку да адресираме, да посочиме дека треба да се прават работите подобро и дека треба да превенираме и заштитиме секого кого можеме од овие форми на насилство – вели Сара.
Според неа, кога станува збор за насилство, а особено за родово базирано насилство, мора да се размислува и за процесот на заздравување, процесот на надминување на овие форми на насилство и процесот на соочување со тоа што ни се случило. Затоа, вели Сара фокусот треба да е повеќе на солидарноста која има потенцијал да се развие. Доколку пак го игнорираме насилството, дозволуваме тоа секојдневно да се развие околу нас.
- Кога ова прашање не го сметаме како релевантно и важно и како суштинско, тука веќе придонесуваме насилството да биде на повисок степен во нашето општество. Ги користам зборовите на луѓето околу мене и кога тие пробуваат да не замолчат, ние треба уште повеќе да зборуваме – додава Сара.
Во рамките на кампањата “Сложувалка” беше објавено и истражувањето изработено од Младинскиот совет на Амбасадата на САД за сајбер малтретирањето и неговата поврзаност со квалтетот на живот и менталното здравје кај младите.
- Бројките до кои што дојдовме се различни. Она што е можеби нај фрапантно и некои работи кои што можам да ги сподела се следните а тоа е дека увидовме директна поврзаност помеѓу жртвите на дигитално насилство и нивната состојба во полед на менталното здраје. Што сакам да кажам со ова? Кога кон некој се однесуваме насилно во дигиталниот простор, не само што тој човек преставува жртва, туки едноставно тој човек понатаму има потешкотии со своето ментално здравје поврзано со насилството кое го доживеал во дигиталниот простор – вели Иван Дургуров, млад европски амбасадор и член на младински совет на Амбасада на САД.