Пријателството меѓу Македонија и Словенија трае со години и децении, а ефектите од тоа пријателство ги уживаат и жителите на петте општини во источниот дел на државата кои вода пијат од Хидросистемот „Злетовица“. Со средства обезбедени од владата на Словенија се работеше на реконструкција на филтер станиците, а оваа година интензивно се работеше на рехабилитација на системот за контрола на хидросистемот. Денеска во посета на овој витален систем за македонскиот исток беше делегација на словенечката влада, предводена од потпретседателката и министерка за надворешни работи и Европа, Тања Фајон.
Министерката Фајон рече дека Македонија и Словенија се традиционални и долгогодишни партнери. Словенија, како што кажа Фајон е голема поддршка за Македонија не само во евроинтеграциите, туку и’ дава и голема техничка поддршка на различни проекти. Само за „Злетовица“ и водоснабдувањето на жителите на петте општини во филтер станиците се обезбедени над два милиони евра, додека во изминатите десет години за Македонија се обезбедени 43,5 милиони евра. Но, како што рече Фајон, не се заборава и добрината на македонскиот народ.
-Исклучително благодарни сме на Македонија на помошта што ја даде на Словенија во текот на поплавите во август и тоа е уште еден доказ на соработката која трае со години. Ќе настојуваме да ја поддржиме Македонија во евроинтеграциите за конечно во 2030 година да стане земја членка на ЕУ и во таа смисла мислам дека се потребни голем напори да се реализираат реформските напори, за што ја има поддршка на Словенија, во која Македонија има голема пријателка, рече Фајон.
Со средства на словенечката влада беше обновена опремата за контрола на хидросистемот, односно СКАДА системот.
-Преку проектот за надградба на ХС „Злетовица“ се изврши замена на застарената опрема, рехабилитација и надградба на постоечките системи и се подобри одржување на истиот и сигурноста на неговата работа. Со рехабилитација на хидромеханиката опрема се овозможи навремено празнење на акумулација во случај на големи води, со што се овозможи безбедност на населението што живее по течение на реката Злетовица. Кај главниот систем се изврши комплетна рехабилитација, нов софтвер за главниот СКАДА систем и помошниот. Се обнови компјутерската опрема, серверите, се овозможи електронско зачувување на податоците се овозможи во наредните 10 години без проблем да функционира и тоа со помош на пријателската Словенија, изјави министерот за земјоделство, Љупчо Николовски.
Со средства од Словенија кои ја поддржаа иницијативата на владата и општините, кои учествуваат со свои средства, направена е реконструкција на филтер станиците за да ги прифатат површините води од „Злетовица“ а направена е доградба на филтер станицата во Пробиштип.