Честопати децата не сакаат да одат на училиште или тагуваат и се повлекуваат во себе поради насилството кое го трпат. Има и такви кои избираат да се соочат и да ги нападнат другите деца.
Праксата на психолозите во училиштата покажува дека насилството е особено присутно меѓу младите и тоа речиси секојдневно, вели Гордана Блажевска-Спиридонова, психолог, според која во ваков случај клучната улога ја имаат возрасните и особено е важно како тие ќе реагираат.
-Доколку детенце дојде кај наставничката да се пожали дека некој го задева, на пример, девојче каже дека го задева момче и ние велиме – тој тоа ти го прави затоа што му се допаѓаш, ние која порака ја праќаме? Дека ти мораш сама да се грижиш за својот проблем и дека твоите лични инстинкти не се правилни, дека ти имаш проблем во перцепцијата. Она што е потребно е разговор и дијалог со младите на различни основи на индивидуално и на групно ниво, потоа веднаш реакција, штом ќе се пожали младиот човек, вели Блажевска-Спиридонова.
Таа посочува дека мора да се работи на информативната и психолошката писменост кај младите за да го препознаат насилството, но и да си дадат поддршка едни на други. Важни се и двете страни, вели таа, и поддршката од врсниците, и од возрасните, што значи креирање на култура на поддршка.
-Важно е како ние ја промовираме политиката на ненасилство и политиката на споделување на информации. Ако децата го викаат цинкање тоа што ќе се пожали, како ќе биде одговорно за себе? Ако и возрасниот го одбие, тогаш кому да се обрати детето? Мораме да работиме на креирање култура на поддршка и активно да размислуваме што значи култура на поддршка на децата, што значи реакција на проблемите коишто тие ги посочуваат и дека не се препуштани сами на себе. Многу често возрасните може да продуцираат соодветни и поддржувачки одговори наместо во немоќ и беспомошност да не размислуваат како да се реагира, додава Блажевска-Спиридонова.
Видеа кои сведочат за насилство меѓу младите се објавуваат и на социјалните мрежи, а дел од нив се дел и од полициските билтени на МВР. Истражувањата на Невладината „ХЕРА“ покажуваат дека први на удар на насилството се младите на возраст од 15 до 18 години.