Десетици израелски сили, од кои некои носеа маски за лице и пукаа со огнено оружје во воздух, рано утрово упаднаа во дел од најголемата болница во Газа, преполна со пациенти и раселени луѓе, во нивната обиди за ликвидирање милитанти од Хамас.
„Сите мажи од 16 години и повеќе, кренете ги рацете“, им извикуваше војник на арапски преку разглас, на оние што се засолнуваат во болницата Ал-Шифа, пренесоа француските медиуми.
„Излезете од зградата кон дворот и предадете се“, наредил војникот, според новинарот кој се засолнил во зафатената болница пред неколку дена и кој бил во контакт со француски медиуми.
Армијата ја означи рацијата како „прецизна и насочена“ операција против Хамас, палестинската милитантна група која почна напади на 7 октомври врз цели во Изрел и за која Израел тврди дека раководи со команден центар под клиничкиот комплекс.
Израелските и палестинските официјални лица објавија за воени операции во текот на ноќта во Ал-Шифа, фокусна точка на деновите на смртоносните борби и блиски воздушни бомбардирања.
Сведоците ги опишаа условите во болницата како ужасни, со медицински процедури извршени без анестетици, семејства со оскудна храна или вода кои живеат во ходниците и смрдеа на трупови во распаѓање што го исполнува воздухот.
„Додека израелските сили трчаа низ ходниците, стотици млади мажи излегоа од различни одделенија, вклучувајќи го и породилниот оддел, што беше погоден во напад пред неколку дена“, објави новинарот.
„Војниците пукаа предупредувачки истрели додека се движеа од соба во соба барајќи милитанти на Хамас“, рече тој.
„Неколку израелски тенкови влегоа во огромниот болнички комплекс“, рече новинарот, додавајќи дека израелските војници влегле и во главниот оддел за итни случаи и во другите одделенија.
Израелската армија во одвоено соопштение соопшти дека во текот на операцијата доставувала инкубатори, храна за бебиња и медицински материјали во болницата.
„Нашите медицински тимови и војниците кои зборуваат арапски се на терен за да се погрижат овие залихи да стигнат до оние на кои им е потребна“, се вели во извештајот.
Директорот на болниците во Газа, Мохамед Закут, по телефон изјави за американски медиуми дека пациентите, вклучително и децата, се преплашени откако израелските сили упаднаа во комплексот објекти на најголемата болница Ал Шифа.
„Луѓето врескаат. Ова е многу застрашувачка ситуација… не можеме да направиме ништо за пациентите освен да се молиме“, рече тој.
Ал Џезира ја доби снимката од разговорот помеѓу лекарот од болницата Ал-Шифа, Мунир ал-Барш и израелските сили.
„Тоа што сте во болницата ќе создаде состојба на страв и хистерија кај пациентите овде“, се слуша како ал-Барш им кажува на израелските војници, велејќи дека ходниците се „полни со луѓе“.
„Сите катови на болницата се полни со луѓе од првиот до шестиот кат. Постојано кажувате дали ова ќе ви создаде проблем. Ако сакате да влезете и сами да се уверите, болницата е полна со луѓе. Одделот за прием и хирургија е полна со раселени лица. Одделот за дијализа е преполн со луѓе. Породилното одделение, радиологија и администрацијата се празни. Одделот за изгореници, од десната страна на болницата, е полн со пациенти и раселени луѓе“.
Владата на Хамас во Газа ја обвини израелската армија дека извршила „воено злосторство и злосторство против човештвото“ додека трупите продолжуваат со нивната операција во клиничкиот комплекс Ал Шифа.
Во текот на изминатите неколку дена Израел ја опколи Ал-Шифа во северна Газа, обвинувајќи дека објектите биле користени од Хамас како командни центри, како и засолништа за нивните команданти.
Хамас ги отфрли овие обвиненија и го нагласи страдањето во опколената клиника, која е без струја или гориво за генератори во време на неколкунеделна израелска опсада на палестинската територија.
Обединетите нации претходно соопштија дека најмалку 2.300 луѓе – пациенти, персонал и раселени цивили – биле внатре и можеби нема да можат да избегаат поради жестоките борби.
Цитирајќи го Министерството за здравство на Хамас во Газа, хуманитарната агенција на ОН соопшти дека 40 пациенти починале во Ал-Шифа во вторникот.
Директорот на болницата Мохамад Абу Салмија вчера изјави дека 179 тела биле закопани во масовна гробница во комплексот.
Според најновите информации од Министерството за здравство на Газа, во болницата има околу 2.500 луѓе – медицински тимови, пациенти – вклучувајќи 600 ранети и 36 новороденчиња – и раселени лица кои се засолнуваат во болницата.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш повика на итен хуманитарен прекин на огнот во Појасот Газа, додавајќи дека е длабоко вознемирен од страшната ситуација во болниците во областа.
„Во име на хуманоста, повикувам на итен хуманитарен прекин на огнот“, напиша Гутереш на социјалната мрежа Х.
Тој изјави дека е „длабоко вознемирен од страшната ситуација и драматичната загуба на животи во неколку болници во Газа“.
Палестинската милитантна група Хамас денеска објави дека го смета и американскиот претседател Џозеф Бајден за одговорен за упадот на израелската армија (ИДФ) во медицинскиот комплекс Ал Шифа.
Хамас рече дека извештајот на американските разузнавачки служби во вторникот, кој го поддржува заклучокот на Израел дека неговите милитанти извршуваат операции во Ал Шифа, всушност бил „зелено светло“ за упадот на ИДФ.
Северниот дел на Појасот Газа има само една болница што се уште прима пациенти поради борбите меѓу израелската армија и Хамас и поради недостиг ода гориво, соопштија ОН. Болницата Ал-Ахли во градот Газа се уште работи, но со минимален капацитет, објави Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања (OCHA).
OCHA соопшти дека сите други болници престанале да функционираат поради недостиг на електрична енергија, медицински материјали, кислород, храна и вода. МИА