Производите кои беа набавени од страна на директорката на Училиштето „Синиша Стоилов“ – Зрновци, Слаѓана Гаврилова, а за кои се пишуваше во медиумите, се купени за потребите на реализација на наставните програми. Ова во изјава за ММС го истакнува градоначалникот, Борчо Коцев откако беше објавено дека директорката Гаврилова потрошила 18.471 денари за набавка на гејмерски стол, хибриден брич, блендер и безжично глувче.
Гејмерскиот стол кој чини 9.999 денари според Коцев, е канцелариски стол од најевтин тип и е набавен за потребите на вработените, исто како и останатите производи.
„Кога беа објавени информациите за набавката, исконтактирав со директорката и со секретарот на Основното училиште „Синиша Стоилов“. Бев информиран дека како што се набавени многу други материјално-технички средства за потребите на училиштето, така се набавени и споменатите производи. Значи согласно Програмата за работа на училиштето, таму имале организирање на работилница – изготвување на здрава храна. Во работилницата бил вклучен и приватниот сектор. Исто така, била организирана и ликовна колонија на која имало четири различни методи на изработување на уметнички дела“, вели Коцев.
На прашањето зошто е купен и хибриден брич, тој посочува дека ваквиот пороизвод бил потребен за изготвување на некои од делата во рамките на неодамнешната ликовна колонија, но и за некои наставни програми во делот на домаќинството.
За Гаврилова пак, вели дека шест месеци ја извршувала функцијата в.д директор на училиштето, а од пред еден месец со решение е поставена за директор. Тој смета дека постои класичен обид за оцрнување на работата на училиштата, од како што вели, структура од неколку луѓе на локално ниво.
Апелирам до тие луѓе да не си играат со човечки судбини бидејќи е лесно некој да се оцрни, но што се постигнува со тоа, сами нека видат – потенцира Коцев и додава дека е далеку од вистинита неофицијалната информација дека производите се купени како подарок за неговиот роденден.
(В. Ми)