Во најновиот извештај што денеска го објави Институтот за економски истражувања ИФО од Минхен, се наведува дека во октомври 22,2 отсто од анкетираните германски компании вклучени во изградба на станови соопштиле дека некои од нивните проекти се откажани, што претставува зголемување во однос на Септември 21,4 отсто.
– Ситуацијата се влошува. Сè повеќе проекти пропаѓаат поради повисоките каматни стапки и зголемените трошоци за изградба, изјави шефот за истражување на ИФО, Клаус Волрабе.
Тој додаде дека има се помалку нови проекти и оти во исто време се намалува бројот на заостанати нарачки.
Според веб-страницата на институтот во Минхен, во октомври 48,7 отсто од компаниите во Германија пријавиле недостиг на нарачки за изградба на станови.
Пред една година, во октомври 2022 година, само 18,7 отсто од германските компании за изградба на станови ги имале овие проблеми.
– Речиси половина од сите градежни компании кои градат станови сега страдаат од недостиг на нарачки, а тој број расте секој месец. Оваа ситуација им се заканува на некои компании. Секоја десетта компанија соопшти дека има финансиски потешкотии, коментира Волрабе.
Според него, станбената индустрија во Германија се подготвува за тешки времиња и нивните очекувања за иднината се на многу ниско ниво. МИА