Израелската армија на својот официјален профил на Твитер објави видео во кое наведува дека Јахја Синвар е директен непријател на државата Израел, а неговата „геноцидна терористичка агенција“ – Хамас е закана за целиот свет.
Како што пренесува Инсајдер, овој виски функционер на Хамас е една од главните цели на израелската армија. Синвар е актуелен лидер на Хамас, кој ја презеде функцијата од Исмаил Ханије во 2017 година, пишува „Гардијан“.
Тој е најмоќниот лидер на Хамас по Ханије, кој живее во егзил во Катар. Владата на Хамас и нејзините канцеларии се наоѓаат во градот Газа, кој моментално е под опсада на израелските сили.
Израел смета дека Синвар е одговорен за бруталните напади врз Израел на 7 октомври, во кои беа убиени повеќе од 1.300 Израелци и странски државјани, пренесува Н1.
Yahya Sinwar is a direct enemy of the State of Israel and his genocidal terrorist organization—Hamas—is a threat to the entire world. pic.twitter.com/mYCgcOgjpX
— Israel Defense Forces (@IDF) October 16, 2023
Кој е Јахја Синвар?
Јахја Ибрахим Хасан Синвар е роден во палестинскиот бегалски камп во Кан Јунис, на југот на Газа во 1962 година. Студирал арапски јазик на Исламскиот универзитет во Газа.
Како што пишува The Economis, во текот на 1980-тите тој убивал жители на Газа кои соработувале со Израел. Во 2015 година, американскиот Стејт департмент го прогласи Синвар за терорист.
Поранешниот израелски премиер Јаир Лапид го нарече „новото лице на злото“. Потполковник Ричард Хехт, воен портпарол, го нарече месар на Кан Јунис.
„Тој ја изгради својата кариера на убивање Палестинци кога сфатил дека тие се соработници. Така стана познат како месарот од Кан Јунис“, рече тој.
Тој се смета за клучна фигура што го поврзува политбирото на Хамас со бригадите Из-Дин ал-Касам, вооруженото крило на Хамас, според Европскиот совет за надворешни односи.
Уапсен повеќе пати
Израел постојано го апсеше Синвар. Тој помина 24 години во затвор, а беше ослободен за време на размена на затвореници со израелскиот војник Гилад Шалит во 2011 година.
Израел изјави дека неговата крајна цел е целосно уништување на Хамас и во моментов се подготвува за копнена инвазија на Газа. Се верува дека голем број милитанти на Хамас навлегле во сложена мрежа на подземни тунели.
Портпаролот на израелската армија Даниел Хагари изјави дека целта на офанзивата е да се елиминираат лидерите на Хамас по масакрот што го извршија.