Војната во Украина, неодамнешните настани со Газа, притисоците и тензиите внатре во Европската унија се сериозни проблеми, кои водат кон тоа проширувањето да биде последното нешто што им треба на европските држави. Ова од друга страна земјите до Западен Балкан полека се пренасочуваат кон некои други сојузи, а како пример е Србија која веќе флертува со Русија, смета Сем Вакнин, Изреалец, универзитетски професор, познавач на регионот и поранешен советник во македонската влада.
Во емисијата „Стадион“ на Канал 77, прашан да ги толкува настаните од регионот и прогнозите дека 2030 година е времето кога Македонија може да очекува влез во ЕУ, Вакнин вели дека не бил овде повеќе години, се вратил неодамна и не знае што се случува овде.
-Немам доволно познавање и обично не зборувам ако не сум 100 отсто сигурен. Општо земено, моето толкување е целосно различно. Мислам дека ЕУ ќе биде помалку волна да прифати нови членки. Сметам дека проширувањето на ЕУ ќе биде одложено, а не забрзано. Притисоците и тензиите внатре во Европската унија се на граница на пукање. Не се работи само за Словачка. Се работи за Полска, Унгарија. Постојат сериозни проблеми во ЕУ и последното нешто што им е потребно се нови членки, а дефинитивно последното нешто што им е потребно се нови членки на Балканот. Ќе ги дадат сите потребни знаци, ќе ви дадат надеж, како што прават со децении, но се сомневам дека нешто ќе се случи во блиска иднина, наскоро. Сметам дека најдобра политика за ЕУ во моментов е да застане во место. Го изгубија Обединетото кралство, не изгледаат добро. Најдобро е да замрзнат се. Секој потег, секоја одлука, секој избор може да ја доведе во опасност целата Унија, според мене, вели Вакнин.
На забелешката дека тоа создава голем ризик за Балканот, Вакнин потврдува низ примерот на Србија и некои други земји, кои покажуваат приближување кон други сојузи и земји.
-Веќе флертуваат со Русија. Србија флертува со Русија. Не верувам дека ЕУ ќе ги жртвува своите централни интереси и својот иден интегритет само за да го пацифизира Балканот. Не мислам дека ќе го сторат тоа. Затоа што, ако тоа го стореа, ако тоа беше нивната намера, немаше да ја прифатат Украина за членка. Тоа е далеку поважна пацификација. Пацификацијата нема да биде мотивација за прием во членство. Апсолутно не, дециден е Вакнин.
Во „Стадион“ Вакнин зборува за настаните од Газа, за тоа како се случи израелското разузнавање да не успеа да го осуети нападот од Хамас, но и за гео-политичките прилики, прогнозирајќи дека САД меѓу Израел и Украина, неспорно е дека ќе избере поддршката да ја насочи кон Израел како далеку поважна земја за Американците.