Македонија преку тогашниот Електротехнички факултет во 1988 година станува првата земја во светот, каде робот бил контролиран со помош на мозочни сигнали од човекот. За големината и важноста на ова откритие говори и фактот што сличен резултат е добиен по вторпат во светот дури 11 години подоцна, во 1999 во САД.
По повод ова значајно постигнување на македонската наука, идната недела, на 10 октомври на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) ќе биде откриена бронзена спомен плоча, што ја доделува ИЕЕЕ – Институт на електро и електротехнички инженери, која е најголемата светска организација на инженери, посветена на унапредување на технологијата во корист на човештвото.
На плочата ќе пишува: Прва роботска контрола од човечки мозочни сигнали, 1988 година – „Во 1988 година, во Лабораторијата за интелигентни машини и биоинформациски системи, сигналите на човечкиот мозок го контролираа движењето на физички објект (робот) за прв пат во светот. Овој поврзан електроенцефалограм (ЕЕГ), сигнали собрани од мозокот со истражување на роботиката, отворајќи нов канал за комуникација помеѓу луѓето и машините. Уредите контролирани со ЕЕГ (инвалидски колички, егзоскелети итн.) имаат корист бројни корисници и ја проширија улогата на технологијата во современото општество“.
Заслугата за ова признание е на тројца научници, чии имиња засекогаш ќе бидат забележани во македонската и светската наука. Се работи за Стево Божиновски и Михаил Шестаков од Електротехничкиот факултет, заедно со Лилјана Божиновска од Институтот за физиологија од Медицинскиот факултет во Скопје, кои успеале да контролираат мобилен робот преку човечки мозочни сигнали. Со тоа за првпат во светот создадоа врска меѓу две различни научни дисциплини – роботиката и неврофизиологијата.
Ова откритие ја поставува основата на директната мозок – робот комуникација. Придобивките за човештвото може да се видат во новиот истражувачки пат, како и во новите апликации за човештвото. Постојат демонстрирани примени кај параплегични субјекти кои контролираат физички објекти. Постојат апликации во забавната индустрија со различни дронови контролирани од мозочните сигнали. Се користи и во образовните лаборатории, покажувајќи како учениците можат да контролираат предмети користејќи сопствени ЕЕГ сигнали.
Научниот извештај беше објавен во зборникот на Конференцијата на IEEE Engineering in Medicine and Biology Society, во Њу Орлеанс, во 1988 година.
Демонстративниот експеримент покажа дека робот се движи по затворена линија нацртана на површината на подот, контролирана со команди за движење/стоп преведени од евоцирани ЕЕГ алфа-ритам промени во човечкиот мозок. Роботот е купен во Токио, Јапонија, во 1984 година, додека достигнувањето е направено во Лабораторијата за интелигентни машини и биоинформациски системи при Електротехничкиот факултет во Скопје.
-Достигнувањето беше значително пред време: втората контрола на робот со помош на мозочни сигнали беше постигната 11 години подоцна, во 1999 година, кога тимот предводен од Николелис од Универзитетот Дјук употреби мозок на стаорец за да ја контролира раката на роботот, пишува објавата за доделувањето на признанието на македонските научници.
Спомен плочата во чест на значајното научно достигнување, ќе биде монтирана на ѕидот од салата на влезот од Анекс зградата на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) во Скопје.
В.К.
фото: Freepik