Поранешниот грчки премиер и поранешен претседател на грчката опозициска партија СИРИЗА, Алексис Ципрас, денеска е во приватна посета на поранешниот македонски премиер и поранешен претседател на владејачката партија СДСМ, Зоран Заев. Посетата на Ципрас е во домот на Заеви во Струмица, според грчките медиуми. Посетата засега минува незабележано од нашите медиуми, но во одговор на прашање на ММС, Заев потврди дека Ципрас му е на гости.
-Се работи за приватна посета. Ќе објавам малку подоцна на мојот Фејсбук профил“, одговори Заев кратко на пораката од ММС.
Како што додава Заев, два дена ќе му биде домаќин на Алексис Ципрас.
Потсетуваме, на Конгресот на СИРИЗА, во април 2022 година, Заев беше главен гостин. Тогаш Зоран Заев го покани Алексис Ципрас да го посети во неговиот дом, за да му возврати на гостопримството.
Заев неодамна во интервју за грчки One Channel News не пропушти да го спомене Алексис Ципрас, велејќи:„Тој ми е брат“.
„Знаете дека Алексис ми е брат и ќе бидеме браќа до крајот на животот, бидејќи заедно имавме доволно храброст да ги „пресечеме“ овие бариери меѓу нашите земји и да изградиме братска соработка меѓу Грција и Северна Македонија“, рече Заев во интервјуто.
Ципрас по изборниот пораз се повлече од лидерското место во ЦИРИЗА, истото што го направи и Заев по локалните избори.
Деновиве Заев повторно е актуелен по објавата на заедничката фотографија со неговиот наследник Димитар Ковачевски, како и други луѓе од партиското раководство.