Поранешната француска тенисерка Анжелик Коши сведочеше во истрагата за сексуална злоупотреба на малолетници во рамките на Француската тениска федерација. Коши даде грозоморни детали за злоупотребата, наведувајќи дека тренерот Ендрју Гедес ја силувал три пати на ден кога ја презел селекторската функција на француската репрезентација, а таа имала само 12 години. При тоа, тренерот ја силувал 400 пати во период од две години, понекогаш и три пати на ден.
„Бевме во Ла Бол, таму ги донесе своите жртви. Ги живеев најлошите две недели во животот, ме силуваше три пати на ден“, рекла тенисерката на истрагата. Уште пострашно, што нејзиниот тренер и’ рекол дека има СИДА, поради што целиот свој младешки живот од 13-18 години го живеела убедена дека и самата има СИДА.
„Многу пати размислував за самоубиство. Ме силуваше три пати на ден. Првата вечер ме замоли да одам во неговата соба. Јас не отидов, но тој влезе во мојата. Беше полошо. Бев затворена, не можев да излезам кога сакав“, изјави поранешната тенисерка, која и самата сега е тениски тренер.
Таа се присети и дека му рекла на тренерот дека не треба да го прави тоа, дека не сака, на што тој одговорил дека тоа понекогаш се случува во односите меѓу тренерите и учениците бидејќи поминуваат многу време заедно и дека тоа е сосема нормално.
Коши тврди дека тренерот имал поддршка од претседателот на тениската асоцијација.
„Во светот на тенисот беше познато дека неговото однесување кон младите девојки не е коректно. Кога една девојка му се пожалила на претседателот дека се однесува недолично кон младите, со вербално и физичко насилство, одговорот бил „Да, но тој ни носи титули“, тврди Коши.
Уште три девојчиња, на возраст меѓу 15 и 17 години станаа жртви на Гедес.
Тие рекоа дека тренерот ги принудил да ги прекинат врските со нивните семејства и пријатели и ги подложил на серија насилни сексуални напади во неговиот автомобил, во соблекувалната или за време на тренинг.
Тренерот Ендру Гедес беше осуден на 18 години затвор во 2021 година за сексуално вознемирување на четири девојчиња на возраст од 12 до 17 години.
извор: Н1