Полицијата и Обвинителството имаат сознанија како се одвивал криминалот на Онкологија, многу други материјални докази, како и обемен електронски материјал, кој во петокот при претресите беше одземен. Овој материјал се вештачи, но истрагата има и други докази, кои треба да доведат до конкретни имиња, кои ќе бидат изведени пред лицето на правдата.
Ова го изјави министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, кој во гостување за ТВ 21, рече дека веќе некои време имало пријави од граѓани и до МВР и до Обвинителството, што било причина за отворање на истрагата.
-Колку и да е лошо и да боли, мора да се испитаат до крај наводите кои без објавени и оперативните наоди на крим-полицијата. Направивме оперативен план и интензивно се работи на прибирање на податоци, изјави Спасовски.
На прашањето колку лица се под Посебни истражни мерки (ПИМ), министерот Спасовски рече дека не може да излезе со бројка, но станува збор за поголем број на луѓе.
-Во текот на постапката може да имаме и проширување на истрагата. Одземен е обемен материјал од Клиниката во електронска форма, којшто треба да биде вештачени и анализиран. Одземени се многу други материјали. Имаме сознанија, коишто на оперативен начин ги прибавиле инспекторите што се анализираат со Јавното обвинителство. Меѓутоа е најважно пред се’ не само да направите постапка која во одреден момент ќе не’ задоволи сите нас ако излеземе со брза реакција, важно е таа да биде квалитетна и издржана и еднаш засекогаш да се стави крај на ваквите активности, рече Спасовски.
При претресите на Онкологија и во домовите на осомничените, одземени се електронски уреди и други материјали, кои, според Спасовски ќе помогнат за брзо расветлување на криминалот којшто траел 20 години.