Само две капалишта на струшкото крајбрежје имаат спасители на отворени води, интерес кај концесионерите речиси и да нема, информира секретарот на Струшкиот Црвен крст Адуриме Даути.
Обуката за спасители на отворени води што Црвен крст Струга ја реализира секоја година, годинава ја следеле деветмина, кои се стекнале со соодветен сертификат. Но, посочи Даути, во моментот на располагање имале 15-тина спасители на отворени води, обучени претходните години.
– Интересот од концесионерите е минимален. Во моментот само две плажи имаат ангажирани спасители на отворени води, односно по едно лице на плажата Ливадиште и во аквапаркот во хотелот „Изгрев“, појасни Даути за МИА.
До денеска, нагласи, концесионерите од другите плажи воопшто немале побарано. Додека минатата година на крајбрежјето во Струга биле ангажирани 10 спасители на отворени води.
– Концесионерите да ги обезбедат плажите со спасители на вода. Тоа е добро за безбедноста на капачите, но и за туризмот воопшто, апелира Даути.
Потребата од спасители на вода, според неа, е неминовна, а тоа го покажуваат многубројните навремени реакции, кои придонеле да не дојде до несакани случаи.