Невладината организација Форум за образовни промени денеска во Тетово на прес-конференција соопшти дека до Државниот просветен инспекторат (ДПИ) во петокот поднеле две пријави за тројца професори на Универзитетот во Тетово.
Според Бленди Ходаи, извршен директор на Форумот за образовни промени првата пријава се однесува на незаконски избор на двајца членови во Националниот совет за високо образование и научна истражувачка работа.
-Конкретно, за проф. д-р Фатон Шабани и проф.д-р Ндерим Зеќири. Според член 42 став 2 од Законот за високото образование: „членови на Националниот совет не може да бидат лица избрани за ректор, проректор или дел од универзитетскиот Сенат, декан или продекан на факултет, член на Одборот за акредитација член на Одбор за евалуација“. Проф. Д-р Фатон Шабани е проректор за финансии и странски инвестиции на Универзитетот во Тетово на незаконски начин, според последниот инспекциски надзор што Државниот просветен инспекторат го направи на 22.05.2023 година.Проф. д-р Ндерим Зеќири, пак, е дел од Сенатот на Универзитетот во Тетово што значи дека не ги исполнува предусловите да биде член на овој Совет, истакна Ходаи.
Втората пријава се однесува за унапредување на Универзитетот и со неа, како што посочи, побарале итен увид за „незаконското академско унапредување во звање доцент на д-р Агрон Алили во 2020 година на Природно-математички факултет при Тетовскиот универзитет“.
-Тој е унапреден во звањето доцент со непочитување на член 166 став 1 од Законот за високото образование, кој вели: „Во наставно-научно звање доцент може да биде избрано лице кое: има остварено просечен успех од најмалку 8,00 (осум) на студиите на прв и втор циклус за секој циклус посебно“. Просекот на кандидатот во прв циклус е 6,7, а во вториот циклус 9,0. Форум за образовни промени бара од Државниот просветен инспекторат веднаш да постапи и да преземе мерки за отстранување на незаслуженото звање доцент на дотичниот професор, истакна Ходаи.
Тој изрази разочарување и од целиот процес за избор на нов ректор на Универзитетот.
-Покрај информациите кои постојано стигнуваа до нашата организација за влијанието на поранешното раководство на универзитетот и главно политички притисоци врз професорите да гласаат за кандидатот Јусуф Зејнели, врвот на целиот овој процес беше молчењето на Универзитетот, Министерството за образование и наука и Просветниот државен инспекторат кога противкандидатите се повлекоа од трката. Политичките партии не го сакаат Тетовскиот Универзитет, ниту го сакаат најдоброто за него, туку ги сакаат финансиските придобивки што доаѓаат од оваа институција. Тоа го докажува и фактот што владејачката партија Демократска унија за интеграција вршела различни притисоци да постави на чело на Тетовскиот универзитет личност кој е целосно недостојен да ја води, која според нашето истражување во „Google Scholar“ резултираше дека новиот ректор нема научни трудови објавени во релевантни меѓународни списанија, што е поразително за Универзитетот, рече Ходаи.
Додаде дека Јусуф Зејнели има само два научни труда објавени во меѓународно списание (European Scientific Journal).
-Според Beall’s List е познато како предаторско списание, додека останатите трудови се објавени во локални списанија, чија релевантност е многу сомнителна, истакна Ходаи на прес-конференцијата.