Убедлива победа на Нова демократија со разлика од над 20 отсто во однос СИРИЗА, ПАСОК на третата позиција, но и можен влез во Парламентот на нови партии меѓу кои и една поддржана од осуден поранешен член на Златна зора, покажуваат резултатите од објавените излезни анкети, односно процените за изборниот резултат на парламентарните избори во Грција од агенциите за рејтинг во соработка со грчките телевизии, јави дописничката на МИА од Атина.
Приватните телевизии Мега, Скај, Стар, Антена, Алфа и Open и државната ЕРТ, веднаш по затворањето на гласачките места, точно во 19 часот по локално време, објавија заеднички exit poll во соработка со агенциите за рејтинг.
Резултатите од 80 отсто преброени излезни анкети за приватните телевизии се дека секоја од партиите би добила:
Нова демократија од 40 до 44 отсто
СИРИЗА од 16,1 до 19,1 отсто
ПАСОК од 10 до 13 отсто
Комунистичка партија на Грција од 7,2 до 9,2 отсто
Спартанци од 4 до 6 отсто
Грчко решение од 2,3 до 4,3 отсто
Победа од 2,3 до 4,3 отсто
Курс на слободата од 2 до 4 проценти
МЕРА25 од 2 до 4 проценти
За една партија да обезбеди влез во Парламентот потребно е да добие минимум три отсто од гласовите.
Доколку се потврдат прогнозите значи дека Нова демократија ќе формира еднопартиска Влада, а во Парламентот би можело да влезат три нови партии: Курс на слободата на поранешната претседателка на Парламентот од редовите на СИРИЗА Зои Константопулу, десничарската Победа од Солун и радикалната десница Спартанци, поддржана од осудениот поранешен пратеник од Златна зора Илиас Касидиарис.
Сепак, станува збор за процени на агенциите за рејтинг, а не за официјални резултати.
Првите официјални резултати од Министерството за внатрешни работи на Грција, кое што е и надлежно за пребројување на гласовите, се очекуваат околу 20.30 часот по грчко време.
МИА