Бахмут е украински град и тој не може да биде ослободен од Русите, како што се тврди во постот. Русија го нападна Бахмут и целосно го уништи. Тоа што Русија тврди дека овој град е нејзин, е спротивно на реалноста. Според Киев, дел од Бахмут сè уште е под контрола на Украина
Пост на Фејсбук споделува видео на кое се прикажани војници кои веат руско знаме и под него пишува:
И последната куќа во Бахмут ослободена од страна на русите…
Ваквото тврдење е манипулативно и има за цел да ги доведе следбениците на социјалните мрежи во заблуда.
Бахмут е град во Украина кој со месеци е цел на силен руски напад. Не е првпат Русија да води војна со Украина за Бахмут. Таков бил случајот за време на војната во Донбас 2014-2015 година.
На 12 април 2014 година, Бахмут бил окупиран од проруските сепаратисти на самопрогласената ДНР. На 20 јуни 2014 година, голема поправна тенковска база лоцирана во Бахмут била нападната од сепаратисти (вкупно, базата беше нападната петпати).
На 6 јули 2014 година, украинските трупи го ослободиле градот.
На 13 февруари 2015 година, една од областите на Бахмут била гранатирана од ДНР. Од ударот оштетени биле 32 станбени згради, две лица загинале, а шест биле повредени.
На 10 јули 2015 година, во согласност со законот на Украина за декомунизација, во Бахмут бил демонтиран споменикот на основачот на Советската Република Донецк – Кривој Рог, Фјодор Андреевич Сергеев (попознат под партискиот псевдоним Артјом).
На 23 септември 2015 година, градскиот совет одлучил да го врати името на градот Бахмут. Врховната Рада на Украина ја одобрила одлуката за преименување на 4 февруари 2016 година
Бахмут повторно е цел на руската агресија откако претседателот на Русија, Владимир Путин лани во февруари на нападна Украина.
Деветмесечната битка за Бахмут го уништи 400-годишниот град во источна Украина и уби десетици илјади луѓе.
Градот во североисточниот дел на регионот Донецк имаше околу 70.000 жители пред Русија да ја нападне Украина минатата година. Оттогаш беше десеткуван, погоден од можеби најжестоките борби во оваа војна, бидејќи руските трупи и платеници од групата на „Вагнер“, составена главно од ослободени руски затвореници, ги освојуваа блок по блок.
Основачот на „Вагнер“, Евгениј Пригожин, во саботата тврдеше дека неговите сили конечно го зазеле целиот град, а Кремљ објави изјава од рускиот претседател Владимир Путин во која го пофали ослободувањето на градот, нарекувајќи го советско-руското име Артјомовск.
Украина ги отфрли нивните тврдења. Киев тврди дека дел од Бахмут сè уште е под контрола на Украина.
Бахмут е украински град и тој не може да биде ослободен од Русите, како што се тврди во објавата која ја анализираме. Тоа што Русија тврди дека овој град е нејзин, е спротивно на реалноста. Русија го нападна Бахмут и целосно го уништи, не го спасуваше од ништо, ниту пак, Украина побарала такво нешто од Русија.
Според тоа можеме да кажеме дека постот кој го рецензираме е манипулативен и го оценуваме како невистинит.
Овој напис е изработен во рамките проектот Промовирање на пристап до веродостојни вести за борба против дезинформации, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.