В сабота Штип по трети пат ќе биде домаќин на танцовиот натпревар Dance Cup. Над 1000 учесници ќе ги покажат своите танцувачки вештини на настанот кој ќе се случува во Центарот за култура „Ацо Шопов“ со почеток во 9 часот, а предвидено е да трае до вечерните часови.
Најмалиот учесник има само три години, а ќе се натпреваруваат и учесници од над 18 години.
Организаторката, Ана Марија Габроска вели дека тие се распоредени по возраст, категорија и дисциплина.
„Првата година натпреварот го реализиравме само со солисти. Тогаш имаше 70 учесници и се одржуваше на помала бина односно во Дом на млади. Минатата година имаше над 700 учесници, меѓу кои : солисти, групи и формации, а оваа година е сè исто како лани, но бројката на учесници е поголема“, додава Габроска во изјава за ММС.
Годинава на натпреварот ќе учествуваат 16 клубови, а истиот е поделен во два блока.
„Во првиот блок имаме : Hip-Hop, Street Dance и Latin Style, а во вториот блок имаме Performing Arts. При тоа, секој натпреварувач ќе биде награден со медал и диплома. Ќе има и пехар за групната кореографија, а во најдобрите влегуваат во Гала вечер и тие ќе се натпреваруваат за парична награда“, посочува организаторката.
Габроска која веќе со години им ја пренесува љубовта кон танцот на младите во Штип, вели дека интересот за танцувањето сè повеќе се зголемува.
„Придобивките од танцот се физичко и ментално надградување на децата уште од мала возраст, натпреварувачки дух и започнување на нови другарства“, смета Габроска.
Нејзиното студио за модерни танци континуирано учествува на голем број натпревари во Македонија и регионот, а Габроска вели дека натпреварите се важни за танчерите бидејќи тоа е начин да покажат што научиле, но и да се надоградат за нивните понатамошни кореографии.