Италија организира државен погреб на својот поранешен премиер Силвио Берлускони, кој почина на 86-годишна возраст. Погребот е денеска во Миланската катедрала. Службата ќе ја води надбискупот на градот, монсињор Марио Делпини, во присуство на шефот на државата Серџо Матарела. Берлускони, кој е лидер и основач на коалициската партија во актуелната влада Форца Италија, беше четири пати премиер.
На овој ден е прогласена национална жалост. Во израз на жалост знамињата на Италија и на Европската унија на владината зграда „Чиги“ во Рим веќе се спуштени на половина копје. Пратеничкиот дом ја прекина работата на два дена, а Сенатот, каде Берлускони беше актуелен претставник, тоа ќе го направи денеска.
Ковчегот со посмртните останки на Силвио Берлускони беше пречекан со аплауз пред неговата вила во Аркоре, со многу цвеќиња, знамиња на неговата партија „Форца Италија“, на фудбалските клубови „Милан“ и „Монца“, на кој тој беше претседател.