ВМРО-ДПМНЕ нема намера да учествува во лицитациите на Ковачевски, Османи и Груби, имавме јасни позиции, од тоа нема поместување. Вака попладнево опозициската партија реагираше по брифингот кој го организираше Владата, а на кој тема беа уставните измени.
ВМРО-ДПМНЕ има премногу јасни позиции и од тоа нема поместување. Несериозно е продолжувањето со лицитации, кое само покажува дека СДС ниту биле искрени, ниту пак имаат намера да ги заштитат националните интереси, ниту пак вистинска интеграција. За нив ова е борба за функции и за преживување и одбегнување на кривично гонење, истакнуваат од опозицијата.
Откако од Владата информираа дека премиерот Ковачевски би му ја отстапил на Мицкоски и премиерската позиција во замена за гласови за уставните измени, од опозициската партија му порачаа дека функциите не му се во џеб.
„Ниту тој е тој кој дава или зема, тоа го прави само народот на избори“, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ.
Претходно пратеникот Драган Ковачки пак, се обрати на прес конференција на која изјави дека владеачката партија свесно лаже кога вели дека ВМРО-ДПМНЕ прифатило уставни измени.
„Ковачевски треба јасно да одговори кој предлог го избира од ВМРО-ДПМНЕ. Првиот е преодна влада без ДУИ и измени кои ќе стапат во сила со завршување на преговорите и членството на државата во ЕУ. Вториот предлог е избори, гаранции за националниот идентитет и јазик, економски пакет и заштита на Македонците во Бугарија преку спроведување на пресудите на судот за човекови права во Стразбур, и измени од влада без ДУИ поддржана од опозицијата“, изјави Ковачки.
Според него, она што го понудил Ковачевски се уставни измени под бугарски диктат и широка влада со ДУИ.
„Не е поентата ВМРО ДПМНЕ да дојде на власт во некаква широка влада, туку да изградиме процес и пакт за национално единство каде ќе ги заштитиме националните интереси“, порача Ковачки.