„Артан Груби игра улога на моден гуру и замислете, пред целата македонска јавност се облекува во патики кои во Македонија чинат колку една плата. Артан Груби вчера смеејќи се пред целата македонска јавност се пофали со патиките „Оф-бели“ кои чинат над 450 евра“, реагираше денеска ВМРО ДПМНЕ на вчерашната појава на првиот вицепремиер.
За оваа партија, Груби како новопечен мултимилионер го копира стилот и сака да биде новиот Еди Рама, „но за жал од `Алиекспрес`, бидејќи сите знаат дека овој негов луксуз се должи на криминалот и корупцијата кои ги прави оваа Влада на ДУИ и СДСМ“ соопштува ВМРО ДПМНЕ.
Од ДУИ, партијата на Груби велат ова е лажна вест. демантираа и приложија документ дека првиот вицепремиер патиките ги купил на попуст, за 138 евра. ДУИ побара ВМРО-ДПМНЕ да се извини за клеветите и личните навреди упатени кон првиот потпретседател на Владата Груби.
„Секојдневното креирање на лажни вести проследени со навреди се најниското ниво на кое ВМРО-ДПМНЕ е спаднато од своето основање до денес. Денешното ВМРО-ДПМНЕ е непрепознатливо кое што го `пушти низ вода` сето свое претходно раководство и се служи со омаловажување на другите преку Гебелсова пропаганда. Затоа, Никола Груевски има четирипати поголем рејтинг од Христијан Мицкоски и повеќе од една третина на гласачите на ВМРО-ДПМНЕ не го поддржуваат Мицкоски туку го сметаат се уште Груевски како нивен лидер“, соопштија од ДУИ.