Роковите за отпочнување на тендерските постапки наведени во плановите за јавни набавки речиси воопшто не се почитуваат, а секој трет договор за јавна набавка во 2022 година е склучен во постапка во која учествувала само една фирма. Станува збор за 9305 договори, во вкупна вредност од 26 милијарди денари (427 милиони евра) – нотираше Центарот за граѓански комуникации во најновиот Извештај од мониторингот на јавните набавки.
Документот покажува дека дури 90 % од мониторираните постапки се спроведени со задоцнување, и тоа од 1 до 8 месеци.
-Така се доведува во прашање ефикасноста на функционирањето на институциите, но воедно и улогата која плановите за јавни набавки треба да ја имаат во однос на поттикнување на конкуренцијата – забележува Центарот за граѓански комуникации.
Најчестиот проблем со кој се соочуваат компаниите во јавните набавки е тоа што „најниската цена“ и понатаму останува критериум за избор. Дури 93 % од фирмите сметаат дека на електронските аукции се постигнуваат нереални цени и се занемарува квалитетот, а 46 отсто сметаат дека има корупција во јавните набавки.
64 % од компаниите истакнуваат дека врските се најчест облик на корупција, а 18 % лично се соочиле со корупција на тендерите. Фирмите го оценуваат процесот на јавни набавки во земјава со просечна оценка од 2,8 (на скалата од 1 до 5), што е исто како лани.
Во текот на ланската година, 31 % од тендерите биле поништени, а ваквиот висок удел ја доведува во прашање законитоста во донесувањето на ваквите одлуки – забележуваат од Центарот за комуникациски студии.
Гледано на ниво на институции, најголем број поништени тендери во апсолутен износ има АД Електрани, каде што се поништени 230 тендерски постапки од вкупно спроведените 582 тендери. Притоа, некои од овие одлуки се однесувале на поништување на целиот тендер, а некои биле за поништување на одделни делови (лотови) на тендерот.
На второ место е Министерството за внатрешни работи, каде што произлегува дека за 186 тендерски постапки се донесени 180 одлуки за поништување, што упатува на често поништување еден или повеќе делови од тендерите.
Оттука во насока на намалување на поништувањата, ЦКС препорачува институциите почесто да спроведуваат претходна проверка на пазарот преку т.н. технички дијалог со фирмите. Воедно, секоја институција која се соочува со голем број поништени постапки да преземе соодветни мерки за да ги воочи причините и да преземе соодветни мерки за надминување на констатираните проблеми.
Во најновиот извештај, ЦГК препорачува и Институциите доследно да ги почитуваат плановите за јавни набавки. Поради високата недисциплина во однос на почитувањето на временските рокови предвидени во плановите, потребно е да се воведе обврска за измени на планот за јавни набавки и во случај кога се менува рокот за отпочнување на постапката за јавна набавка.
Во извештајот е наведено и дека Примената на е-аукцијата треба да биде исклучок, а не правило во спроведување на постапките за јавни набавки. Е-аукцијата да се применува само за производи со познат и стандарден квалитет и за коишто постои конкуренција на пазарот, гласи препораката на Центарот за граѓански комуникации.
Овој конкретен извештај е изработен врз основа на мониторингот и на анализата на избран примерок од 120 постапки за јавни набавки спроведени од институции на централно и на локално ниво, во периодот од 1 јануари до 31 декември 2022 година.