Пациенти кои поради правилото да се земе лек препишан од специјалист или конзилиум трошат цел ден, губат работа, плаќаат превоз за да дојдат од Струга или Кочани во Скопје. Сето тоа поради одредбата само со потпис од специјалист да се издаваат одредени лекови. Ова, како што најави министерот за здравство Фатмир Меџити, повеќе ќе го нема. Терапијата во иднина ќе ја препишуваат матичните лекари како што беше порано. Меџити најави дисперзирање на услугите, но и дисперзирање на специјалистите, додека студентите по медицина во шеста година ќе добијат вработување во местата од каде доаѓаат, со цел да се спречи натамошниот одлив на лекари во странство.
Во мерките како резултат на трансформацијата на здравствениот систем на кој работи министерот и неговиот тим, една од најзначајните промени е прераснувањето на Клиничкиот центар во еден со еден генерален директор.
-Информацијата за спојувањето е готова во договор со ФЗОМ и сите пресметки се прават со почетокот на годината. Не е пратена, се прават последните подготовки, до Нова Година има време, со цел пациентите да имаат подобра услуга. Ќе нема организациски директори. Едвај чекам тоа да се случи. Тогаш нема да имаме загубари како „Заеднички служби“ со 20 милиони евра, а не знаат што работат. Политичките притисоци воопшто не ме интересираат – патот кон ЕУ, скринизите, евроамбасадорот, ова го бара и да направиме здравство да функционира, изјави Меџити.
Втора голема промена е со паркирањето, што беше направена со почетокот на април кога беше вратен заа управување на Клиничкиот центар. За таму Меџити најави катна гаража.
-Не подземна туку катна гаража е планирана. Срамота е ова што се случува со паркинзите во Клинички, и тоа ми беше прв приоритет во овие 80 дена колку што сум министер, рече Меџити и најави дека стопанисувањето со паркинзите ќе му припадне на оператор кој најбрзо ќе работи и ќе ја изгради катната гаража.
Во однос на пропустите со Мој термин, работеше инспекција, која констатирала повеќе недоследности.
-Нормално дека ги има. Ги има во цела Македонија и таквите проблеми ги решаваме. На дијагностика како компјутерска томографија и слични, многу пациенти не доаѓаат и не ги откажуваат. Што следи за пациентите, кои не се појавуваат и не ги откажуваа? И јас како лекар ги чекав, но ќе најдеме начин и тоа да го санкционираме како позитивна пракса, рече министерот за здравство.
Денеска беше промовирана апликацијата моЕздравје, како нова услуга за електронско земање на рецепти и резултати.