По британски, евроамбасадорот Дејвид Гир на Мешовитиот парламентарен комитет во Собранието ги истакна скромните позитивни поместувања, но во продолжение колку и да се обидуваше да употреби дипломатски речник, не можеше да најде простор. Гир кажа дека особено во едни од најсуштинските и клучни области во проширувањето – владеењето на правото и корупцијата „има голем број загрижености кои само се продлабочуваат минатите месеци“. Во неговото излагање пред Комитетот, Гир употреби зборови како „обиди на заробување на институциите“ во контекст на случувањата во Судскиот совет и назадување на реформите.
Што ѝ порача Гир на политичарите и македонската јавност?
Евроамбасадорот смета дека има напредок, дека има чувство дека работите се движат напред особено во однос на усвојувањето на уставните измени во согласност со билатералните обврски преземени со Договорот со Бугарија. Следното е усвојувањето на уставните измени по што ќе започне втората меѓувладина средба без натамошни пречки.
-Но, за жал, и покрај политичките заложби од двете страни за иднината на Северна Македонија во Европската Унија, сè уште нема заеднички дневен ред за потребните реформи. Политичкиот јаз се продлабочува и потребните реформи затоа назадуваат“, кажа Гир.
Меѓутоа, загриженоста е во клучните области, како владеењето на правото и борбата против корупција. За Гир, важно е да се адресираат недостатоците во спроведувањето на соодветните закони со што се обезбедува независноста и интегритетот на судиите.
-Овие прашања неодамна се појавија преку состојбите во Судскиот совет, тело одговорно за заштита и промовирање на овие принципи. Политичарите и политичките партии треба да ги одбиваат сите обиди на заробување на институциите, а Судскиот совет и судството имаат свои одговорности и обврски. Пензионирањето на судиите исто така влијае, па така, приоритет е да се зајакнат човечките ресурси како во судството, така и во обвинителството. Процесот на избор на двајца судии во Уставниот суд и двајца членови во Советот на обвинители трае долго и треба што поскоро да се заокружи врз принципот на меритократија“, рече евроамбасадорот.
Го повтори ставот дека европското знаменце и забрзаните постапки за закони треба да се во голема мера ограничени. Гир исто така очекува и максимална вклученост на јавноста во донесувањето на одлуките во Собранието.
Наспроти ваквите укажувања, денеска во Собранието на пленарна седница на дневен ред е пакетот закони за изградба на коридорите 8 и 10д. Законските решенија, вклучително и тој за продолжување на работната недела со европско знаменце и по скратена постапка ги поминаа комисиските филтри. На 115 собраниска седница закажана за напладне, ќе се расправа за петте законски измени за работни односи, за градење, за експропријација, како и за самиот специјален закон за „Бехтел и Енка“.
В.К.
фото:МИА