Во рамките на фестивалот „Денови на македонска музика 2023″, хорот на Танец за прв пат ќе изведе концерт на словенско-византиско пеење, кој ќе ја отслика тесната врска меѓу фолклорната и црковната македонска вокална практика. Всушност, македонската јавност ќе може одблизу да се запознае со македонскиот идиом на црковно пеење.
На утрешниот концерт во Музејот на револуционерната борба, во 20 часот, на програма ќе бидат изведени литургиски творби од црковно-музички дејци кои дејствувале на територијата на Македонија, Јоан Хармосин Охридски, Јован Кукузел, Јанаки Стојменович, Андон Шахпаски, Манасиј Поп Тодоров, Васил Иванов – Бојаџиев, Јане Коџабашија и други.
Хорот настапува под раководство на м-р Гоце Цоневски, со стручна соработка на д-р Мирјана Павловска Шулајковска и д-р Јане Коџабашија.