Трошоците за роаминг меѓу Европската Унија (ЕУ) и Западен Балкан ќе се намалат, а новите цени стапуваат на сила од 1 октомври, јавува Анадолу.
Во согласност со обврската потпишана во декември минатата година, 38 оператори од земјите членки на Европската Унија и земјите од Западен Балкан неодамна ја одредија горната цена на роамингот на податоци во двете насоки меѓу ЕУ и Западен Балкан. Новите цени стапуваат на сила од 1 октомври.
Имено, во декември минатата година, на маргините на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Тирана, давателите на услуги од Северна Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Косово, Германија и Австрија потпишаа декларација за доброволно намалување на трошоците за податочниот роаминг од 1 октомври оваа година.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, тогаш истакна дека тоа е добро за економијата, туризмот и за луѓето.
Потписниците се согласија намалувањето на трошоците за роаминг да стапат на сила од 1 октомври 2023 година. Тие си дадоа уште неколку месеци да се договорат за горната цена за преносот на податоци во двете насоки меѓу ЕУ и Западен Балкан.
Како што беше најавено пред неколку дена во Брисел, највисоките нивоа на малопродажни цени за еден гигабајт податоци ќе се намалат на следниов начин: на 1 октомври 2023 година на 18 евра, на 1 октомври 2026 година на 14 евра и на 1 октомври 2028 година на 9 евра.
Комесарот за соседска политика и проширување, Оливер Вархеји, го поздрави договорот.
„Намалувањето на цените за роаминг меѓу ЕУ и Западен Балкан од 1 октомври оваа година ќе биде од корист за граѓаните и компаниите од ЕУ и од Западен Балкан. Посветени сме да направиме сè што можеме за да ја забрзаме вистинската интеграција на Западен Балкан во нашиот единствен пазар“, рече тој.
Во Брисел очекуваат дека со поставувањето на горната граница на цените ќе се намалат цените за роаминг за корисниците што патуваат меѓу ЕУ и Западен Балкан. Ограничувањето на цените ги поттикнува и поедноставува деловните, културните, туристичките и другите размени меѓу ЕУ и Западен Балкан и ги зајакнува врските меѓу соседните региони, сметаат тие.
Според потпишаната обврска, секој поединечен оператор одлучува како ќе ги намали трошоците, на пример, преку попусти, специјални пакети или нови тарифи.
Ниската цена на мобилниот пренос на податоци ќе мора да биде достапна за најширокиот можен опсег на крајни корисници без препреки или услови поврзани со пакетите на домашната мрежа.
Ова е една од мерките за приближување на регионот до ЕУ. Трошоците за мобилниот роаминг во земјите од Западен Балкан се значително повисоки во однос на евротарифата што е на сила во Унијата.
Извор.Анадолу