До 31 мај граѓаните имаат рок да извршат увид во Годишните даночни пријави за 2022 година што Управата за јавни приходи ги постави на нивните кориснички профили во „е-Персонален данок“, за вкупниот доход кој го оствариле во текот 2022 година. Секој кој е регистриран на системот „е- Персонален данок“ е должен на својот кориснички профил да ја прегледа Годишната даночна пријава за 2022 година и да ја потврди доколку се согласува со податоците содржани во неа, или пак да ја коригира доколку смета дека податоците не се точни.
-По истекот на законскиот рок потврдените пријави и пријавите кои ниту биле потврдени, ниту коригирани ќе се сметаат за конечни и ќе добијат таков статус, додека по коригираните даночни пријави ќе се одлучува во рок од 60 дена. Доколку службеното лице не ја одобри коригираните даночна пријава ќе се донесе решение за утврдување на данокот на личен доход за 2022 година, информираат од УЈП.
Кај обврзниците во чија ГДП се појавува обврска за доплата на данок, по добивањето на конечниот статус на ГДП (по 31 мај 2023), ќе се генерира налог за доплата , кој се наоѓа во самата даночна пријава, а кај обврзниците во чија ГДП се појавува повеќе платен данок, може да искажат барање за враќање на данокот во самата пријава.