Полицајците од Одделот за борба со расистичкото насилство на грчката полиција во Солун идентификувале пет лица кои пред две седмици упаднаа на изложбата на македонскиот ликовен уметник Сергеј Андреевски во општинската галерија во Каламариа, јави дописничката на МИА од Атина.
Како што соопштија од полицијата, идентификувани се четворица грчки државјани на возраст од 19, 20, 23 и 24 години и една девојка, странска државјанка на возраст од 22 години.
Против сите е покренат предмет за недозволено насилство, кривично дело со расистички карактеристики и за поттикнување на извршување кривични дела, дела на насилство или раздор против лице врз основа на национално потекло.
-Поконкретно, горенаведените сторители заедно со уште осум непознати соучесници, дејствувајќи како група со обединети сили, ментална поврзаност и националистички мотиви и со скриени лични карактеристики, упаднаа со закачување печатен материјал и повикувајќи го уметникот да ја прекине изложбата, соопштија од грчката полиција.
Воедно, додаваат дека истрагата продолжува за идентификација на останатите инволвирани лица.
На 26 април, група членови на Златна зора, која со судска одлука е криминална организација, со маски на лицата, капчиња и качулки за да ги скријат нивните лица, упаднаа во галеријата на солунската Општина Каламариа каде што во тек беше изложбата на ликовниот уметник, Сергеј Андреевски.
МИА