„Кога чувме пукање мислевме дека некој слави за новороденче“, ова е едно од сведоштвата на жителите на селото Дубона по синоќешното пукање во кое осум се убиени, а 13 ранети. Друга жена кажува дека цела ноќ поминала со секира во рака.
Како што веќе информиравме, се’ започнало по расправија во училишниот двор, по што осомничениот 21-годишниот Урош Б. отишол дома да земе пушка и почнал да пука по млад полицаец, кој не бил на должност во тоа време и неговата сестра. И двајцата се убиени. Потоа се качил во автомобил и пукал по случајните минувачи. Најмладата жртва има 15 години.
По него цела ноќ трагаше полицијата и изутрината околу 8 часот е пронајден на потегот меѓу Младеновац и Крагуевац, каде живееле родини на неговата мајка. Неофицијално, киднапирал таксист и го принудил под закана за рачна бомба да го вози за Крагуевац. На местото каде е најден, бил пронајден цел арсенал оружје со него.
Цела ноќ пред Итната помош се голем број на членови на семејства на жртви и ранети во престрелката кај Младеновац. Една од жртвите на стравичното злосторство била пронајдена од нејзината мајка во училишниот двор.
Имено, тој вечерта излегол од станот за да се сретне со другарите во училишниот двор. Бидејќи не се јавувал на телефонот на мајка си, која упорно му се јавувала, таа се симнала во училишниот двор и го затекнала синот раскрвавен под клупата.
Во тој момент тој сè уште беше жив. Мајката повикала брза помош и младиот човек бил пренесен, но тој набрзо им подлегнал на повредите, пренесуваат медиумите.
Според последните информации, Урош Б. со автоматска пушка пукал во 25 лица во две села кај Младеновац. Министерот за внатрешни работи Братислав Гашиќ престрелката во Младеновац ја оцени како терористички чин.