Петка за кадрите, единица за условите за лекување и работа во Клиничката болница во Штип. Така може да се сублимираат одговорите на новиот министер за здравство Фатмир Меџити, кој во Штип заедно со чешкиот амбасадор присуствуваше на предавањето на болнички кревети и душеци за Детското одделение.
-Ова е многу битна болница, работат доби кадри и не заслужуваат вакви услови за работа. Ги видов просториите – ова не личи на ништо, на 21 век. Правиме напори новата Клиничка болница побргу да се направи, изјави министерот Меџити.
Сепак не можеше конкретно да каже дали новиот краен рок за завршување е 2026 година, но рече дека парите за изградбата се обезбедени од буџетот и овие денови ќе се одлучи како понатаму.
-Парите се во буџетот, има други законски проблеми со фирмата да ги решиме. Нема да кажам краен рок до 2026 година, но овие денови ќе одлучиме како ќе правиме понатаму. мислам многу побргу ќе се изгради болницата, одговори Меџити на новинарско прашање.
На крај, прашан за тоа дали до тогаш очекува до биде министер, д-р Меџити во полушега забележа дека тоа не знае, како што не знае што ќе се случи сега кога ќе тргне дома.
-Но, знам дека сум потенцијален кандидат да станам пациент, како и сите вие и од тука кога ќе тргнам не знам што ќе се случи. Тоа не зависи од мене. Ако ме прашате дали би сакал во вакви услови да се лечам, ќе кажам не, одговори министерот за здравство.
Тој најави дека се работи на нова стратегија во здравството, која подразбира спојување на здравствени институции, вклучувајќи го и Клиничкиот центар. Како што рече Меџити, една Данска има само 120 здравствени институции, додека ние имаме дури 1200, што не може да ги издржи ни една Швајцарија.