Австралија, која го има еден од најстрогите закони против пушењето во светот, ја забрани рекреативната употреба на е-цигари. Според новите правила, уредите за испарување ќе се продаваат само во аптеките и во пакување како фармацевтски производи.
Целта на владата е да го запре алармантниот пораст на бројот на тинејџери кои прибегнуваат кон овие производи.
Вапингот се смета за безбедна алтернатива за пушењето, но според австралискиот министер за здравство Марк Батлер, употребата на е-цигари стана рекреативен производ во Австралија, кој се продава главно за тинејџери и млади луѓе, кои имаат три пати поголема веројатност да почнат да пушат.
„Исто како што направија со пушењето, големите компании за цигари лансираа уште еден производ кој предизвикува зависност, го спакуваа во сјајни пакувања, додадоа вкусови за да создадат нова генерација на зависници од никотин. Ова е производ наменет за нашите деца, кој се продава заедно со лижавчиња и чоколади. Сега стана проблем број еден за однесувањето во средните училишта. И сега се шири и во основните училишта“, рече Марк Батлер, министер за здравство.