Држењето во фиока на пресудата за Сашо Мијалков од страна на судијата од скопска Апелација Енвер Беџети, е веројатната причина за скандалозните случувања во Судскиот совет, кои кулминираа со незаконска промена на претседателката Весна Дамева.
Поранешната судијка во Врховниот суд Вера Коцо во интервју изнесува шпекулации дека токму на седницата каде беше разрешена претседателката, требало да се разгледува претставката за судијата кој 9 месеци во фиока го чуваше предметот за масовното прислушување „Таргет-Тврдина”. Веќе имало изготвен извештај од комисијата која го испитувала случајот и тој требало по него да се одлучува на седницата.
-Едни биле за разгледување на тој извештај, други најверојатно не. И од тие причини се дојде до прекин на седницата и наеднаш се пристапи кон разрешување на претседателката што е нон сенс. Исто така, се шпекулира дека за истиот судија имало некаков предлог, дали е официјален или така е кулоарски само, да оди во Врховниот суд. Не смее да се занемари тоа што тој го направил во Апелациониот суд. Факт е дека во Апелациониот суд предметот е држен повеќе од 9 месеци, иако имало расправа што укажувала на укинување на предметот, што значи дека можеле да го укинат предметот навремено, доколку така ценеле, и потоа да се пристапи што е можно побрзо во работа од страна на понискиот суд. А во случајов, предметот е држен повеќе време, па вратен иако беше јасно и за јавноста и за професионалците во таа струка дека му се заканува застарување на ова дело. На тој начин не може да се избега од одговорноста дека има некаква цел или намера која требаше да се утврди токму на оваа седница со членовите на Судскиот совет“, изјави поранешната судијка Коцо во интервјуто за Радио Слободна Европа.
Бројни реакции се појавија во јавноста по контроверзното разрешување на Дамева. Актуелниот потпретседател на Судскиот совет, Селим Адеми кој потоа го презеде претседавањето, тврди дека експертите погрешно толкуваат дека Весна Дамева е разрешена од Судскиот совет, тврди Селим Адеми, потпретседателот на ова тело, во интервју за Порталб.
– Со 8 гласа се разрешува од член на Судскиот совет, но Весна Дамева не е разрешена од функцијата член на Судскиот совет, таа продолжува да биде член, таа е разрешена од функцијата претседател – објаснува Адеми.
Професорката на Правниот факултет во Скопје, Ана Павловска Данева смета дека постапката за разрешување на претседателката Дамева не е запазена, а процедурата е целосно прекршена. Не се испочитувани нормите на законот за Судски совет, како и одредбите на Деловникот за работа на Судскиот совет кој го следи законот.
-Тоа е апсолутно ништовна одлука, значи ја има прво донесено мнозинство кое е дискутабилно дали го има потребниот број за да биде донесена одлука. Донесен е од страна на лице заменик, односно седницата е водена од лице заменик претседател на Судски совет, во присуство на претседателот, што е недозволиво согласно законот бидејќи заменикот може да ги води седниците само во нејзино отсуство“, вели Павловска Данева.
Последните настани во Судскиот совет ја ставија на испит и онака кревката доверба на граѓаните во правосудството.
Демократскиот сојуз денеска побара членовите на Републичкиот судски совет да поднесат оставки поради случувањата во Советот, но пред сѐ поради „некредибилниот судски систем, недовербата на граѓаните во судиите (само 3 отсто од граѓаните имаат доверба во судиите), како и намерното застарување на голем број тешки судски предмети, сомнежите за корупција од големи размери и целосната парализа на владеењето на правото и правниот систем“.