ТАВ Македонија, со своите претставници од Меѓународниот Аеродром Скопје, како коорганизатор, заедно со Croatia Airlines и Туристичката заедница на Сплитско-Далматинската жупанија, на 24 април 2023 година, во Скопје, заеднички ја презентираа најавената нова сезонска линија Скопје – Сплит на македонските туристички агенции
Она што беше истакнато на презентацијата беше воведувањето на сезонски летови на новата авиолинија Скопје-Сплит, со која хрватскиот национален авиопревозник Croatia Airlines директно ќе го поврзува македонскиот главен град со хрватското крајбрежје во текот на годинашната туристичка сезона.
Како што ТАВ Македонија и Кроација ерлајнс заедно најави претходно годинава, првиот лет на оваа нова авиолинија ќе биде на 12 мај и истата ќе сообраќа до средината на октомври 2023 година. Croatia Airlines ќе лета два пати неделно меѓу Скопје и Сплит, туристичкиот центар на Далмација.
Авионот на Croatia Airlines ќе полетува од Меѓународниот Аеродром Скопје секоја среда и сабота во 5:45 часот наутро, а ќе пристигнува на аеродромот во Сплит во 7:10 часот. Летовите од сплитскиот аеродром до Меѓународниот Аеродром Скопје ќе сообраќаат секој вторник (заминување во 22:00 часот, а ќе пристигнуваат на скопскиот аеродром во 23:05 часот) и секој петок (заминување од Сплит во 21:35 часот, а ќе пристигнуваат на скопскиот аеродром во 23:00 часот). Летовите на рутата Скопје – Сплит ќе сообраќаат со авион Ербас 319 со капацитет од 144 седишта.
Повратните авиобилети за линијата Скопје – Сплит може да се купат по цени почнувајќи од 119 евра, онлајн, преку веб страницата на Croatia Airlines (www.croatiaairlines.com) или преку мобилната апликација.
Јадранското Море и хрватското крајбрежје отсекогаш биле атрактивни дестинации за одмор за македонските граѓани, кои и покрај долгото патување (повеќе од 12 часа со автомобил), избирале таму да летуваат, па затоа, од ТАВ Македонија сметаат дека со воведувањето на оваа нова авиолинија, не само што патувањето ќе се скрати на само еден час и ќе го направи хрватското крајбрежје многу подостапно за патниците на Меѓународниот Аеродром Скопје, туку ќе овозможи и хрватските граѓани од Сплитскиот регион да ја посетат нашата земја.
Дополнително, од ТАВ изјавуваат дека се среќни што авиокомпанијата Croatia Airlines го препознала потенцијалот и донела одлука да ја воведе оваа директна воздушна конекција меѓу Скопје и Сплит, која што се надеваат дека следните години ќе стане редовна, традиционална дестинација од Меѓународниот Аеродром Скопје.