На промоцијата на документарецот посветен на животот и кариерата на Дарко Панчев, од многу причини се случи и една историја.
Александар Маниќ донесе оригинал карта, чувана 32 години, од историскиот натпревар во Бари, кога Дарко го даде последниот гол од пенал и ја направи Црвена ѕвезда шампион.
Се израдува Дарко, се израдува Александар, а се израдуваа и дечињата, идни фудбалери во дресовите на Вардар и Црвена ѕвезда.
Маниќ не ја криеше возбудата и раскажа за моментот кога пред 32 години со автобус тргнал на натпревар, да го поддржи Кобра.
-Во 1991 година се играше финалето меѓу Црвена ѕвезда и Олимпик. Резултатот се реши со пенали, последниот го даде Дарко, секако погоди и Ѕвезда стана шампион. Радост која не може да се опише. Од Скопје тргнавме навивачи со пет автобуси, доживување за паметење. Јас тогаш пливав и немав поим дека картата сум ја зачувал во еден од пехарите дома, мислев во некој од албумите сум ја зачувал. Едвај ја најдов, ама ја најдов и вчера му ја покажав на Дарко. Му реков – еве ти оригинал карта од 1991 и многу се израдува, вели Маниќ и додава:
-Вредна карта е, историја. Јас сум ја заборавил дека ја имам и да не беше документарецот немаше да ја барам. Ми ја бараа ама не ја продавам. Картата нема цена, особено за мене како човек кој го сака спортот. Па јас пред две недели за роденден добив дрес од новинарите за мојот 55 роденден, како дете на Ѕвезда. Дресот го нарачаа од Маракана и ептен ми го направија ќејфот. Тоа е љубов, вели Маниќ.
(В.М.)
Фото: Вангел Тануровски