Основниот граѓански суд Скопје го одби барањето на адвокатот на министерот за надворешни работи Бујар Османи да ги отфрли тужбите против него, што на 27 јануари годинава
ги поднесе на претседателот на Македонското меѓународно движење за човекови права (ММДЧП) Бил Николов и ММДЧП како организација.
Тужби е базираат на Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета поради изјавата на Османи во октомври 2022 година за бугарската телевизија „БТВ“, каде кажал дека ММДЧП стои зад финансирање на македонскиот клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград.
-Кога дознав кој го финансира клубот ми беше јасно. Тоа е фондација од Канада, која има и своја веб-страница и доколку ги гледате позициите кон државата, кон стратешките интереси на државата ќе видите дека не е во функција на тие стратешки интереси и не очекувам дека ќе биде во функција на граѓаните и на односите меѓу двете земји. Фактот што финансиер на тој клуб е тоа здружение, за мене е доволен факт дека оваа иницијатива нема добра намера, кажа Османи. Адвокатот на Османи, Љупчо Илиев, предложи тужбеното барање да биде одбиено како неосновано.
– Од изнесената содржина во тужбата, поточно од наведените изјави во тужбата, апсолутно не може да се прифати, т.е. утврди, дека обвинетиот, со изјавите, искажал понижувачко мислење, со кое се повредуваат честа и угледот на тужителите, а уште повеќе не може да се утврди намера за омаловажување на кој било, што би значело и на тужителите, рече адвокатот.
Адвокатот на Бил Николов и ММДЧП, Трајче Торов рече дека предметот стигна на суд, откако Османи одби да се извини, како што налага законот, а тужителите побарале тоа да го стори.
-Поднесено е барање за извинување до електронските адреси на тужениот, меѓутоа до ден денес немаме никаков одговор, рече адвокатот Торов.
Според наводите во тужбата, министерот Османи продолжил со изнесување на целосно лажни, навредливи и клеветнички изјави и за време на неговата прес-конференција на 11 ноември 2022 година. Адвокатот на Османи рече дека содржината на тужбата претставува критички осврт на функционирањето на државата со јавната власт, па токму затоа, како што рече, „велиме дека содржината на тужбата не е во корелација со единственото тужбено барање “.
Процесот го води судијката Јехона Садику. Судењето продолжува на 29 мај.